ВМРО-ДПМНЕ: Аудио-снимката што ја обвјави СДСМ е монтажа

ВМРО-ДПМНЕ ги демантира сите наводи од денешната прес-конференција, на која лидерот на СДСМ Зоран Заев презентираше аудио-снимка, која според СДСМ е доказ за тоа дека премиерот Никола Груевски примил 1,5 милиони евра црни пари во кеш од српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ, познат како „Газда Нини“ при продажбата на Македонска банка. Аудио снимката на СДСМ наводно им ја дал загрижен граѓанин. На снимката, според СДСМ, има телефонски разговори меѓу „Газда Нини“ и непознат посредник, како и меѓу посредникот и Никола Груевски.

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, се работи за класична монтажа за нешто што „во најголем дел не ни наликува на гласот на Никола Груевски“.

„Во самата монтажа има многу грешки, спротивности и детали кои се побиваат едни со други и се крајно нелогични. Очигледно добро се потрудиле колегите и наместо продуктивно, времето го трошеле за вакви работи, но за нивна жал ќе се уверат дека и ова нема да им пројде“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата најави дека „до господинот Зоран Заев ќе биде поднесена тужба за клевета и навреда, и дека тужбата ќе биде сеопфатна и по сите основи“.