За Пендаровски борбата продолжува, Заев обвини за изборна кражба

Претседателскиот кандидат на СДСМ Стево Пендаровски вечерва на завршната прес-конференција го оцени како успех бројот од 320 илјади гласови кои ги освои во првиот круг од претседателските избори и најави уште посилен ангажман за вториот круг од изборите.

„Триста и дваесет илјади гласови во корист на опозицискиот кандидат според мене се храброст во овие услови. Им честитам на сите кои гласаа денеска за опозицијата. Бројот на гласови на кандидатот на власта, по мое длабоко уверување не е резултат на неговите квалитети, ниту, пак, на успесите на политичката структура, која го поддржува. Сакам да порачам дека борбата не е завршена. Ни претстои вториот круг“, рече Пендаровски.

Тој најави борба за својот концепт, како што рече, до последниот и изрази уверување дека „и во вакви услови на систематски притисок и на систематски закани и уцени од досегашната структура на власт може да дојде до победа на 27 април“.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, оцени дека резултатот од првиот круг за избор за претседател не е воопшто како што очекувале, бидејќи според него, во изминатиот период добиле масовна поддршка како опозицијата и за нивниот кандидат за претседател на државата. Тој воедно ја обвини власта за систематска кражба на гласови.

„ВМРО-ДПМНЕ исплашени од губењето на власта преку системска кражба на гласови во деновите пред и на денот на изборите ја спречи волјата на граѓаните. Крајниот резултат е нов удар врз кревката демократија во Македонија. Но, граѓаните на Македонија ја знаат вистината. Ние сме тука заедно со вас граѓаните во најтешките моменти“, рече Заев и изрази уверување дека во вториот круг ќе имаат сосема различни резултати.