МОСТ нотира низа неправилности на изборите

Граѓанската асоцијација МОСТ која ги набљудува изборите забележала низа нерегуларности. Според, како што велат, потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега се забележани следните неправилности на гласачките места:

-На ГМ 1234 во општина Неготино во 17:10 часот еден гласач ја скршил гласачката кутија, по што гласањето било прекинато. ОИК пристигнала во ГМ и се уште не се знае дали гласањето на ова ГМ ќе продолжи.

-На ГМ 2966/1 во општина Шуто Оризари дошло до инцидент помеѓу Радмила Шеќеринска и Амди Бајрам, по што интервенирала полицијата и ситуацијата се смирила.

-На ГМ 419/1 во општина Гостивар се забележани 7 случаи на семејно гласање при што гласале 16 лица. На ГМ 2971 во општина Шуто Оризари забележани се 10 случаи на семејно гласање, при што вкупно гласале 20 лица.

-На ГМ 1949 во општина Тетово еден гласач го фотографирал гласачкото ливче на што ИО не реагирал, иако било очигледно дека и другите присутни лица на ГМ го забележале тоа.

-Пред средното училиште „Моша Пијаде“ во Тетово забележани се лица кои водат кампања за бојкотирање на гласањето.

-На ГМ 1111/1 во општина Липково еден од акредитираните набљудувачи не му дозволил на еден гласач да гласа. Дошло до вербална расправија помеѓу нив која продолжила надвор од гласачкото место, по што интервенирала полицијата.

-Пред ГМ 0736 во општина Кичево, како и пред ГМ 0346 и 0349 во општина Гевгелија забележани се лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во гласачкото место. На гласачкото место 0309 во општина Виница евидентирањето го вршат активисти на политичка партија. На ова реагирала Општинската изборна комисија по што активистите биле отстранети од пред гласачкото место.

-На ГМ 1578, 1582, 1596, 1618 во општина Радовиш, на ГМ 0376 во општина Богданци, како и на ГМ 0932 во општина Кратово ИО ги читаат на глас имињата на гласачите.

-На ГМ 1865 во општина Струга имало отвор на гласачкиот параван со што била загрозена тајноста на гласањето.

-На ГМ 2277 во општина Штип едно лице се претставило како набљудувач на МОСТ и му било дозволено да го набљудува процесот иако немало ниту акредитација од ДИК, ниту овластување од МОСТ.

-На ГМ 0555 во општина Дебар набљудувач на еден подносител на кандидатска листа помогнал на 5 лица кои не можеле да гласаат сами. Тој бил опоменат од ИО, но сепак продолжил со ваквата практика.

-На ГМ 2850 во општина Центар еден гласач јавно го покажал гласачкото ливче пред да го стави во гласачката кутија.

Во текот на целиот ден на бесплатниот телефонски број 080 080 080 во МОСТ граѓаните најчесто се јавувале за да се пожалат дека видливото мастило многу лесно се брише, како и за тоа дека ИО на глас ги читале имињата на гласачите.