Кандидатите за претседател очекуваат фер трка

Откако го остварија своето право на глас кандидатите за претседател на Македонија изјавија дека очекуваат коректни избори.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Македонија, откако гласаше во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје, заедно со своето семејство, изјави дека очекува успешни избори на кои Македонија ќе покаже дека функционира со целиот свој кредибилитет и капацитет.
Очекувам дека сите граѓани ќе излезат на изборите и зад нас да оставиме едни успешни избори.
Ѓорѓе Иванов, ВМРО-ДПМНЕ.


„Очекувам дека сите граѓани ќе излезат на изборите и зад нас да оставиме едни успешни избори и да покажеме дека Македонија функционира демократски со целиот свој кредибилитет и капацитет“, изјави Иванов.

Ѓорге Иванов гласа на првиот круг од претседателските избори во Скопје.



Кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски изјави дека се надева оти Македонија е конечно подготвена да направи изборен циклус како што доликува на секоја европска демократија.
Се надевам дека денешниот ден ќе почне и ќе заврши во демократски дух.
Стево Пендаровски, СДСМ.


„Се надевам дека денешниот ден ќе почне и ќе заврши во демократски дух, сите процедури ќе бидат испочитувани и на крајот на денот нема да сведочиме за некои постапки, кои ги видовме во претходниот ден кога посебната категорија луѓе и особено гласањето во дијаспората не се одвива во согласност со законските одредби“, рече Пендаровски по гласањето во избирачкото место во Месната заедница Автокоманда.

Стево Пендаровски.


Очекувам коректни, фер избори, да се изрази навистина слободната волја на граѓаните. Се надевам дека ќе нема притисоци врз нивниот личен избор, изјави Зоран Поповски, кандидат на ГРОМ за претседател на Македонија, откако гласаше на избирачко место во ОУ „Братство“ во Општина Карпош.
Нека победи најдобриот. Тој што има најмногу гласови, тој што ќе добие поддршка од граѓаните.
Зоран Поповски, ГРОМ.


„Нека победи најдобриот. Тој што има најмногу гласови, тој што ќе добие поддршка од граѓаните. Се надевам дека до крајот на денот нема да има никакви недоразбирања и проблеми. Денеска, исто така, во фамилијата е убав ден, затоа што мојот син првпат има право да гласа и денеска ќе го оствари своето право“, рече Поповски.

Зоран Поповски.



Кандидатот од ДПА за претседател на Македонија Илијаз Халими, по гласањето на избирачко место во ОУ „Кирил и Методиј“ во Тетово изјави дека атмосферата е мирна, гласачите излегуваат и гласаат слободно на демократски начин.
Верувам дека нема да има инциденти до крајот на изборниот процес и оти тој ќе заврши со добар резултат.
Илијаз Халими, ДПА.


„Верувам дека нема да има инциденти до крајот на изборниот процес и оти тој ќе заврши со добар резултат. Гласачите се тука и треба да излезат и да гласаат, а дали некој ќе излезе или не, зависи од самиот гласач“, изјави Халими.

Четворицата претенденти за нов шеф на државата изборната кампања ја почнаа на 24 март. Ако по денешното гласање никој не го добие потребното мнозинство, по 14 дена ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело. Доколку во вториот круг никој од кандидатите не го добие потребното мнозинство се повторува целата постапка.

Петти непосредни претседателски избори

Досега се одржани четири избори за претседател на Република Македонија, во 1994, 1999, 2004 и 2009 година. Првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров не беше избран на непосредни избори, туку од Собранието на 27 јануари 1991 година, согласно тогашните уставни решенија.

Киро Глигоров, вториот претседателски мандат го доби на првите непосредни избори за шеф на државата одржани на 16 октомври 1994 година.

Вторите претседателски избори во Македонија беа одржани на 31 октомври и 14 ноември 1999 година. На овие избори победи Борис Трајковски . СДСМ не ги призна резултатите од вториот круг, обвини за изборни нерегуларности и го оспори легитимитетот на Трајковски. ОБСЕ ги оцени изборите како задоволителни, со забележани неправилности во западна Македонија и во околината на Скопје. Борис Трајковски ја извршуваше функцијата до 26 февруари 2004 година, кога загина во авионска несреќа кај Мостар.

По смртта на претседателот Трајковски, Собранието на Република Македонија ги закажа третите вонредни претседателски избори во Македонија. За трет претседател на Македонија беше избран Бранко Црвенковски. ВМРО-ДПМНЕ побара поништување на изборите, обвини за изборен фалсификат и го оспори легитимитетот на Црвенковски.

Четвртите претседателски избори во Македонија беа одржани на на 22 март и 5 април 2009. За претседател беше избран Ѓорге Иванов.

Новиот претседател, кој ќе ја добие довербата од граѓаните должноста треба да ја преземе по 12 мај кога, според Уставот, му истекува петгодишниот претседателски мандат на Ѓорге Иванов.