(Не)зависни кандидати, големи теми, пристрасни медиуми

Иванов настапуваше со партијата која го кандидира, Пендаровски самостојно. Кандидатите се фокусираа на темите со името, економијата, младите... Медиумите, пристрасни.
Претседателските кандидати вечерва на полноќ го завршуваат своето претставување пред граѓаните кога и започнува молкот пред гласањето во првиот круг од изборите кое ќе се одржи в недела.


Актуелниот претседател Иванов кој се бори за втор мандат во текот на целата кампања настапуваше со партијата која го кандидира сакајќи да остави впечаток на тимски настап со владата со која како што порачуваше заедно имаат резултати зад себе. Овој настап аналитичарите го оценуваат и како обезбедување со помош на рејтингот на владејачката партија кој е далеку повисок од рејтингот на претседателот Иванов.
Поради тоа што Пендаровски има поголем рејтинг од СДСМ, главната улога, носечката во предизборната кампања ја имаше самиот кандидат и тој се насочи на блиски средби со граѓаните пред се.
Здравко Савески, универзитетски професор.


„Тоа е логично имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ има поголем рејтинг од самиот Ѓорѓе Иванов како кандидат“, посочува политикологот Здравко Савески.


Како свои главни адути Иванов ги нагласуваше својата искреност и чесност а голем дел од своите говори посвети на спорот за името играјќи на картата на патриотизмот и нагласувајќи дека нема да дозволи промена на Уставот и на уставното име на државата и цврсто ќе застане во одбрана на националниот идентитет. Кандидатот на опозициската партија СДСМ, Стево Пендаровски настапуваше самостојно.

„Поради тоа што Пендаровски има поголем рејтинг од СДСМ, главната улога, носечката во предизборната кампања ја имаше самиот кандидат и тој се насочи на блиски средби со граѓаните пред се“, вели Савески.

Пендаровски инсистира на државен консензус за решавањето на стратешките прашања за државата меѓу кои и името но неговата кампања се фокусираше на внатрешно-политичката состојба која како што самиот објаснуваше во овој момент е приоритет и би се трудел како претседател да влијае на нејзина промена. Доминантна тема во настапите му беше како младите да се задржат во државата преку надминување на партизираноста на институциите и создавање еднакви можности за нивен успех. Економските проблеми, состојбата со човековите права и слободата на медиумите и демократијата доминираа над строгите уставни надлежности на претседателот.

Така беше и во кампањата на кандидатот на ГРОМ, Зоран Поповски. Со смирен и сигурен настап тој одбра да стави нагласок на враќањето на улогата на граѓанинот во државата и потребата од обединување на сите граѓани без оглед на нивната верска и национална припадност или политичко определување.

Кандидатот на ДПА Илијаз Халими неговата партија се обиде да го претстави како консензулаен кандидат на Албанците во земјава и тој постојани ги повикуваше постојано Албанците да излезат и да гласаат на изборите наспроти повиците за бојкот кои ги испраќаше нивниот политички противник ДУИ.

Карактеристика на кампањата, вели Савески, беше и пристрасното покривање на настаните од голем број медиуми кои јавноста ги перепира како провладини како и нивното суптилно штелување на јавното мислење. Друга карактеристика беше мотивирањето на гласачите да излезат и да гласаат поради тоа што, како што додава Савевски, двете најголеми партии веруваат дека резултатите ќе бидат тесни.