Корупцијата - пречка за развој на бизнис климата

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Интервју со Др. Иан Садерленд, Бледска Школа за Менаџмент

Потребно е унапредување на претприемништвото, а корупцијата е пречка за развој на бизнис климата, вели во разговорот за Радио Слободна Европа, Иан Садерленд, Бледска Школа за Менаџмент.
Професоре, во текот на Вашата неколкудневна посета, кои се вашите првични впечатоци за бизнис климата во Македонија?

Овој патојувам тука неколку дена, но ова ми е четврта посета на Скопје. Моите впечатоци за бизнис климата во Скиопје а претпоставувам и во Македонија се дека има многу амбиции, има желба работите да се прават на поинаков начин, има посветеност кон раст и подобрување не само на економијата туку и на самото општество. Тоа ветува многу и е охрабрувачки. За раст и за постигнување успех, потребна е таквата желба на самиот почеток, а тоа го чувствувам тука.
Луѓето треба да се мотивираат и да им е комотна идеата дека можат да отпочнат со бизнис и истиот да го развијат во успешна фирма во која ќе се вработуваат сè повеќе луѓе која нема да им носи бенефити само на сопствениците туку и на општеството.


Дали чувствувате дека ваквата амбициозност постои само кон почетокот? Бидејќи се вели дека луѓет се плашат од основање на сопствен бизнис? Од една страна има намалена мотивација, а од друга страна стопанствениците се жалат на неповолна бизнис клима.

Би рекол дека една од работите, поточно област во која може да има подобрување е претприемништвото. Ваквиот предизвик го има низ целиот свет: како да се подобри претприемништвото? За мене во основа тука станува збор за потреба од образование. Луѓето треба да се мотивираат и да им е комотна идеата дека можат да отпочнат со бизнис и истиот да го развијат во успешна фирма во која ќе се вработуваат сè повеќе луѓе која нема да им носи бенефити само на сопствениците туку и на општеството. Тоа е една област во која дефинитивно треба да се работи. Треба да се вложуваат напори за подобрување на претприемништвото за луѓето да не се плашат да стартуваат со сопствен бизнис. Во поглед на климата, дефинитивно има работи за кои знам дека би ги спречиле луѓето кои се заинтересирани да инвестираат во Македонија.

Се забележува дека судството е една од тие пречки.

Не знам за судството но ако таму има проблеми тоа дефинитивно би било пречка. Генерално проблемот е со корупцијата. Тоа не е проблем само во Македонија туку и во многу земји низ светот, но дефинитивно претставува проблем. Тоа е пречка за многу компании, за многумина бизнисмени кои би можеле да влезат со инвестиции и да подржуваат претприемнички идеи.

Претпоставувам истото важи и за домашните компании, а не само за странските инвеститори.

Апсолутно. Тоа не е единствена но дефинитивно е една од причините поради која луѓето се плашат да започнат сопствен бизнис, бидејки знаат дека постојат проблеми со некаков вид на корупција. Тоа е бариера и може да ме спречи од намерата да отворам бизнис и на некој начин би ме ограничило.

Владата, од друга страна, се обидува да охрабри потенцијални претприемачи со реклами во кои се прикажуваат примери за успехот на „Епл“ или „Шварцкопф“ на пример. Дали ваквите примери може да се преточат во успешни приказни во една транзициска економија?

Апсолутно. Дел од најуспешните „старт-ап“ компании потекнуваат од земји кои не се многу различни од Македонија, барем судејки по големината и бруто-домашниот производ. Многу млади компании за технологија потекнуваат од балтичките земји. Не сметам дека големината или локацијата во светот претставуваат пречки, посебно денес во светот на социјалните мрежи. Сите сме „он-лајн“ 24 часа дневно и можеме да се поврземе и да соработуваме со било кој во светот. Не е важно каде се наоѓате.

Што е со практичните проблеми, како на пример пристапноста на капитал?

Тука веќе се соочувате со предизвици. Рекламирањето и промовирањето на одлични примери, како Стив Џобс или Мајкрософт или било што, е одлично. Тоа мотивира, инспирира но само по себе не е доволно. Мора да има екосистем создаден за да ги подржи претприемачите. Во екосистемот треба најпрвин да се обезбеди пристап до капитал, без разлика дали станува збор за приватно финансирање или финансирање од самата влада. Треба да се обезбеди капитал. И тоа не е доволно. Во екосистемот треба да има ментори, експерти кои имаат искуство, без разлика дали се од македонија или од друго место во светот. Потребни се луѓе кои знаат како одат работите, кои во минатото имале успешни „старт-ап“ бизниси и кои би можеле да ги едуцираат претприемачите, околу нивните идеи, како може да се променат тие идеи, каков ќе биде бизнис моделот и како да развијат бизнис план и слично. Потребен е таков комплетен екосистем во кој нема да има само инспирација од типот на „да можете да успеете“. Треба обезбедување на стартен капитал, менторство за бизнисот да се развие на успешен начин и да се избегнат грешките кои често се прават и со време да се прошири и развие сето тоа.

Што е со однесувањето на владата во еден ваков еко-систем? На пример во земјава, државата се чини им е најголем конкурент на компаниите во поглед на користење на капиталот на банките. Тука се и високите казни - европски санкции на наш стандард а минималната плата е поставена на 8.000 денари што е околу 200 долари. Дали ова е поволна клима за развој на бизнис?

Дефинитивно постои простор за промени околу сето тоа. Не сум многу запознаен со ситуацијата во Македонија за да давам препораки околу што треба да се направи овде и сега или во следниве шест месеци и така натаму. Можам да кажам дека успешните претприемачи кои работат во екосистемите успеваат да ги заобиколат ваквите проблеми. Да, пристапот до капитал моеби е предизвик поради задолжувањето на владата и на другите институции во државата но има и други начини како да се обезбедат пари како на пример „крауд сорсинг“, микрокредитирање од други банки, обезбедување на пари од општествено претприемништво. Има и многу „етички банки“ - не велам дека има и неетички банки, но има банкарски институции кои инвестираат само во општествени проекти. Постојат многу можности за финансирање кои би ви овозможиле да се оттргнете од оноа што веќе постои и да најдете шанси на други места. Може да го заобиколите системот кој можеби ве кочи.