Големите загадувачи и понатаму ќе загадуваат

Големите загадувачи и понатаму ќе загадуваат, тие нема да го испочитуваат рокот до 1 април, туку за одредени капацитети ќе има продолжување на тој рок до максимално продолживиот рок, а тоа е 2019 година, велат екологистите.
Убавото време ги привлече граѓаните да излезат и да прошетаат, но воздухот и натаму е штетен по здравјето. И покрај сонцето, загаденост е како во магливите зимски денови. Мерните станици измерија зголемување на суспендираните честички од 40 на 120 микрограми на метар кубен во неделата кон понеделникот во ноќен период кога сообраќајот е намален. Но, од Министерството за животна средина изјавија дека инспекциските служби направила контрола во големите индустриски капацитети и таму ноќно пореметување немало.
Сè поочигледно е дека за одредени капацитети ќе има продолжување на тој рок до максимално продолживиот рок, а тоа е 2019 година. Сè дотогаш тие големи капацитети ќе загадуваат.
Александра Бујароска, еколошка организација Фронт.

Како и да е, големите загадувачи кои подлежат на дозволи имаат рок за усогласување на нивната технологија до 1 април, но клучните загадувачи веќе побараа продолжување на тој рок. Со оглед на нивната улога во обезбедување некаква социјална егзистенција, екологистите не веруваат дека ќе се направат чекори во смисла на затворање на индустриските загадувачи.

„Има одредени случаи коишто се покритични, а кај коишто се почна многу доцна во однос на исполнување, односно на унапредување на технологијата, така што сè поочигледно е дека за одредени капацитети ќе има продолжување на тој рок до максимално продолживиот рок, а тоа е 2019 година. Сè дотогаш тие големи капацитети ќе загадуваат“, изјави Александра Бујароска од еколошката организација Фронт.
Досега граѓаните го плаќаа загадувањето, а на сметка на тоа некој профитира, некој загадувач.
Марко Соколовски, претседател на невладината „Go Green“.

Нема исполнување на голем број на условите од самата дозвола. Еден од капацитети кои се критични, а кои почнаа многу доцна со унапредување на технологијата е РЕК Битола, последниот рок кој тие си го дадоа е 2018 година. Сличен таков пример е со Југохром кај кој нема исполнување на голем број услови од дозволите. Во однос на Скопје, Усје направи речиси целосно усогласување, но останува круцијалниот комплекс на поранешна Железара, посочува Бујароска.

„Тој комплекс сè уште нема отпочнато со круцијалните мерки како што е кровната хауба којашто треба да ја собира таа емисија во тој дел од Скопје“, вели Бујароска.

Екологистите бараат бизнис интересите да не ја попречуваат имплементацијата на еколошките мерки.

„Досега граѓаните го плаќаа загадувањето, а на сметка на тоа некој профитира, некој загадувач. Значи, немањето чист воздух, вода и други работи нè наведуваат почесто да одиме на лекар, да купуваме флаширана вода и тн. и на некој начин граѓаните плаќаат за ова загадување, а треба да биде обратно“, изјави Марко Соколовскипретседател на невладината „Go Green“.