Над третина од светот под авторитарни влади

Во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент за состојбата со човековите права во светот се осудува употребата на сила од страна на авторитарните влади со цел да ја консолидираат нивната власт и да ги потиснат неистомислениците. Во извештајот се оценува дека ваквите строги казнувања долгорочно ги нарушуваат стабилноста, безбедноста и економскиот развој на земјите каде што случуваат.
Објавувајќи го Извашетајот за состојбата на човековите права во секоја земја посебно во минатата година државниот секретар Џон Кери изјави дека демократската транзиција не може да успее доколку владите користат сила за да се справат со нивните политички противници.
Местата каде што ние се соочуваме со најголемите предизвици за националната безбедност денес се исто така места каде што владите ги негираат основните човекови права на нивните граѓани.
Џон Кери, американски државен секретар.

„Местата каде што ние се соочуваме со најголемите предизвици за националната безбедност денес се исто така места каде што владите ги негираат основните човекови права на нивните граѓани“, рече Кери.

Тој оцени дека користењето на воената моќ за справување со неистомислениците било посебно застрашувачки во Сирија каде што режимот на претседателот Башар ал Асад е обвинет за напад со гасот сарин во август минатата година.

Набројувајќи ги Јемен, Тунис, Бурма и Украина, Кери додаде дека земјите што ги почитуваат човековите права се земји кои всушност создаваат можности.
Во Украина, како што можевме да видеме во последниве денови, десетици илјади излегоа на улиците за да ја демонстрираат уште еднаш моќта на луѓето да бидат во можност да бараат подемократско и поодговорно владеење.
Џон Кери, американски државен секретар.

„Во Украина, како што можевме да видеме во последниве денови, десетици илјади излегоа на улиците за да ја демонстрираат уште еднаш моќта на луѓето да бидат во можност да бараат подемократско и поодговорно владеење и да застанат дури и против оние со снајпери на покривите за да се слушне нивниот глас“, рече Кери.

Во Извештајот на Стејт департментот кој се совпаѓа со 65-годишнината од Универзалната декларација за човекови права се потенцира дека над една третина од светската популација живее под авторитарно владеење.

Исто така се нагласува дека и натаму се шири јазот меѓу правата предвидени со законот и секојдневието на многу луѓе во светот.

Во врска со човековите права во земјите во регионот Стејт департментот наведува дека во Србија најсериозен проблем е дискриминацијата на малцинствата, особено Ромите, како и притисокот врз новинарите и ЛГБТ заедницата.

Во Црна Гора се потенцира дека главен проблем за човековите права била продорната корупција, како и слободата на изразување.

Корупцијата и нефункционалноста на властите се наведени за сериозни проблеми и во Босна и Херцеговина.

Во делот на Грција, пак, меѓу другото се наведува дека оваа земја продолжува да го негира постоењето на македонска заедница на северот на земјата.

Во документот се нотира дека состојбата со човековите права во Северна Кореја и натаму е, како што се наведува, непристојна, бидејќи владата е одговорна на егзекуции, исчезнувања и тортури.

Во врска со Кина се посочува казнувањето на активисти за човекови права и за слобода на говорот, како и репресијата против етничките Тибетанци и муслиманските Ујгури.

Што се однесува до Русија, Стејт департментот констатира дека таму продолжува справувањето со критичарите на власта.

Во извештајот се потенцира и тоа дека новите и кревки демократии кои произлегоа од Арапската пролет уназадуваат како граѓански општества.

Стејт депратментот наведува дека во околу 80 земји во светот припадници на ЛГБТ заедниците се соочуваат со дискриминирачки закони и искуства.

Но, и покрај ваквите тешкотии, Извештајот нагласува дека храбрата потрага по човечкото достоинство останува трајна и бестрашна.