Знаменосецот Дамјаноски очекува добри резултати во Сочи

Дарко Дамјаноски, нордиски скијач.

Во македонскиот олимписки тим ќе има тројца натпреварувачи - нордијците Дарко Дамјаноски и Марија Колароска и алпскиот скијач Антонио Ристевски.
В петок во рускиот град Сочи ќе стартуваат 22-рите Зимски олимписки игри, а меѓу рекордните 88 земји учеснички со над 3.000 спортисти, по петти пат од осамостојувањето ќе биде и Македонија. Во нашиот тим ќе има тројца натпреварувачи - нордијците Дарко Дамјаноски и Марија Колароска и алпскиот скијач Антонио Ристевски.
После две Олимпијади добро што се сетија на мене и да ми го дадат еднаш знамето да го носам на Република Македонија.
Дарко Дамјановски, нордијски скијач.

Најискусен во ова друштво е Дамјаноски, кому ова ќе му биде рекордна, трета Олимпијада (по Торино пред 8 и Ванкувер пред 4 години), до која дојде откако пред 11 месеци стана првиот Македонец што исполнил А норма за зимски ОИ. По овие, за нас значајни постигнувања, Македонскиот олимписки комитет реши Дарко да биде наш знаменосец на свеченото отворање во Сочи, чест која тој ја очекувал и која се надева дека ќе ја оправда со забележителни резултати.
Подобар пласман очекувам на 50 километри слободен стил. Таа дисциплина доста и ми одговара, така што на таа дисциплина ќе се фокусирам максимално.
Дарко Дамјановски, нордијски скијач.

„После две Олимпијади, две учества на ОИ, добро што се сетија на мене и да ми го дадат еднаш знамето да го носам на Република Македонија. Среќен сум, задоволен сум што донесоа таква одлука и мислам дека гордо и резултатски ќе ја претставам Македонија во најдобро светло“, вели 32-годишниот член на мавровскиот клуб „Мирна Долина“.

Дамјаноски се чувствува максимално подготвен за искушенијата кои го очекуваат на трките на 15 километри класично нордиско скијање и на 50 километри слободен стил. Тоа, дополнето со немањето трема, му го подгрева оптимизмот дека во Сочи ќе ги постигне најдобрите резултати во 16 годишната кариера. Сепак, поради специфичноста на овој спорт и многуте фактори што влијаат на настапот, Дамјаноски се воздржува од прогнози за конечниот пласман, кој, според него, би требало да биде подобар во маратонската трка.

„Досега имам две Олимпијади и учествувам на Светските купови во бијатлон, така што околу трема и такви спортски успорувања, немам такви проблеми. Во спортскиот дел сум добро подготвен и се надевам дека ќе го дадам својот максимум. Само да имаме добра патека и добри скии, да се подготвиме и мислам дека ќе го направам мојот најдобар резултат. Подобар пласман очекувам на 50 километри слободен стил. Таа дисциплина доста и ми одговара, така што на таа дисциплина ќе се фокусирам максимално“, додаде Дарко Дамјаноски.

Тој, на снежните патеки во Сочи ќе се натпреварува на 14 февруари (15 километри) и на последниот ден на ЗОИ, 23-ти февруари (50 километри). Марија Колароска (Б норма) ќе настапи на 13-ти месецов (10 киломeтри нордиско скијање), а Антонио Ристевски (А норма) за што е можно подобар пласман ќе се бори на 19-ти (велеслалом) и на 22-ри февруари (слалом).