ЕУ, Русија и државите меѓу нив

Денешниот состанок на рускиот претседател Владимир Путин со лидерите на Европската унија во Брисел е еден од најстудените самити меѓу двете страни во изминативе 20 години. Кризата во Украина е своевидно потсетување и на проблемите со другите шест земји вклучени во Источното партнерство на Унијата.
Овие земји кои формираат тампон зона меѓу Европската унија и Русија имаат тешкотии и многу полошо стојат од останатиот дел на Европа што се однесува до сиромаштијата и можностите за конфликти.

Руските хегемонистички навики се голем проблем за оваа група во која се вклучени Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Молдавија и Украина.

Но, она што претставува поголема пречка е нивната неспособност да донесат одлуки за стратегиските насоки.
Путин не е Брежњев и неговиот проект за Евроазиска алтернатива на Европската унија е далеку од махинациите на Советскиот Сојуз.

Добрата вест е дека Грузија и Молдавија се на европскиот пат, откако ги ратификуваа спогодбите што украинскиот претседател Виктор Јанукович одби да го стори во ноември лани, одлука која доведе до немири во земјата.

Главното прашање за Унијата е дали има желба посуштински да влијае врз развојот на настаните во нејзиното источно соседство.

Аналитичарите, како Томас де Вал од Карнеџи фондацијата за меѓунарoден мир, сметаат дека Брисел треба да им даде поголема поддршка во изборот на овие земји.

Унијата го смисли проектот Источно партнерство со кој им се нудат некои бенефити на екс советските земји, но без изгледи за евентуално членство.

Русија која со заплашување успеа да ги спречи Ерменија и Украина да дојдат до поблиски односи со Унијата сега почнува да и се заканува на Молдавија да не го спроведува трговскиот договор со Унијата.

Како одговор на тоа, некои европски и американски политичари бараат Унијата да стане повеќе „геополитичка“ и да и се спротивстави на Русија.

Но, тоа, според некои експерти, би било погрешно. Путин не е Брежњев и неговиот проект за Евроазиска алтернатива на Европската унија е далеку од махинациите на Советскиот Сојуз.

Сепак, ако дојде до санкции, трговски ембарга и користење на енергијата како политичко оружје, тогаш Русија секогаш ќе победува.

Колку за пример, Русија може да ги зголемува цените на гасот во Молдавија и да манипулира со Комунистичката партија во сепаратистичкиот регион Транснистрија.

Исто така тешко е да се претпостави дека луѓето во тие земји би сакале да ја одбијат Русија.

Стотици илјади нивни граѓани работат и живеат во Русија. Многу Грузијци, Молдавци и Украинци сакаат интегрирање во Европа, но не по цена на прекинување на економските и културните врски со Русија.

Затоа Европската унија не би требало да станува поцврста или попопустлива спрема Русија околу Грузија и Молдавија. Таа треба да се договора со Путин за секое прашање во врска со Источното партнерство.

Во меѓувреме, Унијата би можела да им вети членство, како што тоа го стори со Централна Европа и со Балканот.

Во спротивно најголемата закана за нивната европска иднина нема да биде Москва, туку домашните изолационистички кампови кои во Европа гледаат како на синоним за декаденца и хомосексуалност.