Какo да ги разликуваме невладините од „невладините”?

Марјан Забрчанец, граѓански активист и Извршен директор на Младински образовен форум (МОФ).

Невладините затоа се и невладини, зашто не треба да зависат од власта, ниту да се плашат да ја критикуваат, ниту смее влакно да им фали ако се одлучат да критикуваат аргументирано, пишува Марјан Забрчанец од МОФ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Последниве години, противниците на граѓанското здружување успеаа во јавност да внесат магли, забуни и сомневања за работата на невладините организации. Забуните пораснаа кога се појавија оние другите, фантомските „невладини” кои никнаа како печурки во Централен регистар, а дејствуваат спротивно од начелата на граѓанското здружување.
Во оваа наша какафонија од невладини и „невладини”, од дел од политичарите, медиумите и институциите се наметна дилемата дали невладините треба или не треба да ја фалат власта.

Заради дефинирање на поимите, ќе појаснам дека невладина организација е прекар за здружение на граѓани или фондација или сојуз од здруженија кои постојат и делуваат за да го подобруваат општеството, да помагаат на заедниците, да ја подобруваат, корегираат и критикуваат работата на властите, да понудат алтернативни и авангардни решенија кои пркосат на институционалниот и корпоративниот естаблишмент и мејнстрим.

Оваа материја бара дефиниција и на поимот „невладини” (во наводници), кои дејствуваат обратно од она што е суштината на едно граѓанско здружување. Тие, другите, „невладините” кои фантомски почнаа да никнуваат од разни канцеларии, станови и гаражи, веќе стануваат препознатливи по тоа што се појавуваат еднаш годишно во јавност, при тоа неподготвени да прочитаат однапред подготвени текстови, не направиле ништо за заедниците, никогаш ниту помогнале на некоја институција со конкретна активности, ниту пак искритикувале некоја институција, но затоа се најгласни за да ја критикуваат опозицијата. Точно, тие дејствуваат целосно спротивно од она што во нормалните демократии е репер за една релевантна граѓанска организација.


Во оваа наша какафонија од невладини и „невладини”, од дел од политичарите, медиумите и институциите се наметна дилемата дали невладините треба или не треба да ја фалат власта. Дилема нема, работата на невладините не е да ја фалат власта, макар таа била и најдобрата, најдемократска и најнародна власт. Невладините затоа се и невладини, зашто не треба да зависат од власта, ниту да се плашат да ја критикуваат, ниту смее влакно да им фали ако се одлучат да критикуваат аргументирано. Фалбите за власта се работа на партиските членови и партиските комуникациски центри, а не на било која невладина организација. Невладините имаат задача да ја подобруваат работата на власта, односно на институциите, но само доколку кај институциите постои интерес за тоа. Ако институциите не се заинтересирани и не прифаќаат било каква сугестија или помош од невладините, што кај нас стана секојдневие, тогаш критиката е единственото нешто кое таквите власти треба да го добијат од граѓанскиот сектор. Овде како исклучок можеме да ги третираме политички-идеолошките здруженија кои се наменски, но јавно и официјално формирани од политичките партии, во форма на истражувачки центри. Tаквите кај нас се ретки, по една на левата и десната политичка опција, па не може да се земат за релевантен пример.
Прво и најлесно, фантомските „невладини” ги нема на Гугл. Да, ги нема, зашто тие немаат интернет активности, немаат интеракција со граѓаните, немаат редовни јавни комуникации, а таквите Гугл не ги препознава.

Ако ги разбравме дефинициите, според теорија и според демократска пракса, важно е да научиме како да ги разликуваме „невладините” од невладините. Лесно е. И логично.

Прво и најлесно, фантомските „невладини” ги нема на Гугл. Да, ги нема, зашто тие немаат интернет активности, немаат интеракција со граѓаните, немаат редовни јавни комуникации, а таквите Гугл не ги препознава. Ако сакате да се запознаете со дел од таквите, најдете ја листата на здруженија финансирани од Владата на Република Македонија од повикот за 2013 година. Секоја чест на исклучоците, но на таа листа повеќето организации ги нема ни на Гугл.


Второ, ако веќе ги најдеме на Гугл, тогаш треба да сме малку повнимателни за да направиме разлика меѓу невладина и „невладина”. Постојат 5 (пет) принципи по кои може да ги вреднуваме организациите, а таквата анализа лесно и јасно ќе ни ја покаже разликата:

01. Креидибилитет – говори за доверливоста и имиџот на организацијата во јавноста, односно за причините поради кои на една организација треба или не треба да се верува. За кредибилни организации се сметаат оние кои во јавност настапуваат со издржани, цврсти, јасни и логички аргументации, оние кои своите тврдења ги поткрепуваат со факти, со резултати од сопствени или туѓи релевантни истражувања. Внимавајте, помудрите фантомски „невладини” може да се обидат лажно да се претстават како кредибилни, користејќи лажни податоци од непроверени извори и покривајќи ја лагата со харизмата или физичката привлечност на своите претставници за јавност.

02. Легитимитет – говори за тоа кој и дава мандат (право, обврска) на организацијата да го работи тоа што го работи, колку организацијата е репрезентативна, односно колку граѓани ја одобруваат нејзината работа. Својот легитимиет лесно може да го докажат организациите кои имаат свое членство, но исклучиво оние кои членството редовно го активираат за одредени каузи. Да не се залажуваме дека еднократно организиран контра-протест (организиран со партиски сендвичи) дава легитимитет на било која фантомска „невладина” организација. Прашањето на легитимитет се однесува на поддршката односно одобрувањето кое одредена организација го има или го нема од граѓаните за кои се залага. Легитимитетот може да се докажува и зголемува преку проценка на граѓаните кои учествувале во јавните акции, преку реализирани петиции и обезбедени јавни поддршки од граѓаните за активностите на една организација.
Несоодветно е невладина која нема своја веб страна и никогаш не објавила свој годишен наративен и финансиски извештај (што е законска обврска) да бара транспарентно однесување од било кој друг правен субјект.

03. Отчетност – говори за транспарентноста и преземањето одговорност за своите организациски дејствија, одлуки, политики и почитувања на законските обврски и демократските начела. Или, ако невладините бараат отчетно работење на власта, опозицијата, партиите и институциите, тие треба да бидат пример за отчетност. Несоодветно е невладина која нема своја веб страна и никогаш не објавила свој годишен наративен и финансиски извештај (што е законска обврска) да бара транспарентно однесување од било кој друг правен субјект.

04. Сервисна ориентираност – говори за односот на организацијата кон граѓаните и колку тие имаат директна корист од одредена невладина организација. Колку организацијата е повеќе сервисно ориентирана (нуди обуки, помош, знаења, информации кои го подобруваат животот на граѓаните), толку нејзината вредност е поголема и со тоа шансите за нејзина дискредитација се минимални.

05. Моќ –говори за внатрешната усогласеност во рамки на организацијата, здруженоста околу целите и идеалите, единственоста околу клучните стратешки приоритети, запознаеноста на членството со клучните активности и пораки на организацијата. Типичен пример за немоќни организации се оние кои во неколку наврати ги видовме на ТВ како организираат „спонтано”собрани граѓани (за кои и децата знаат дека доаѓаа на повик на партијата), а кога требаше да дадат изјава или бегаа од камерата или најискрено изјавуваа дека не знаат зошто се таму, биле викнати од штабот.

Важно е да ги знаеме и вреднуваме овие пет принципи на граѓанските организации. Важно е за нас од граѓанскиот сектор, за да ги подобруваме своите организации, но важно е и за граѓаните, за да можат лесно да направат разлика меѓу невладина и „невладина”.