Забрзување на економијата или продолжување во „лер“?

Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски на почетокот на изградбата на фабрика за автобуси од белгиската компанија „Ван Хол“.

Економско раздвижување, намалена невработеност, поголем раст, повеќе странски инвестиции, или година која нема да биде подобра од претходните.
Година на раздвижување или на разочарување? Светли проекции или реални очекувања? Но, гладниот стомак не го интересираат бројки и статистика, не може да се најаде од најави за инвестиции и од ветувања за вработување. Власта, пак, најавува дека ќе биде подобро. Вели инвеститорите само што не дошле, работни места само што не се отвориле, кризата кај и да е ќе помине. Опозицијата не гледа ништо арно. Вели дека не треба да се сменат очекувањата, туку треба да се смени власта. Бизнисмените чекаат добри вести од Европа, економистите не очекуваат драстични промени, а на граѓаните им останува само надежта.
Веројатно како што има мали деца и тие веруваат во Дедо Мраз и јас како големо дете исто така сакам да верувам во Дедо Мраз и дека ќе донесе подобри времиња за Македонија, за сите нас.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

На почетокот на годината ред е да се стави линија, се пребројуваат постигнувањата, се вагаат загубите, се готват проекции. Природно е да се очекува подобро и поубаво, да се надеваме на благодет, но едно се желбите, а друго реалноста. Но, ако не можеме сами да си ги оствариме, тука е Дедо Мраз, а на него се повика и министерот за финансии Зоран Ставрески.

„Веројатно како што има мали деца и тие веруваат во Дедо Мраз и јас како големо дете исто така сакам да верувам во Дедо Мраз и дека ќе донесе подобри времиња за Македонија, за сите нас“, рече вицепремиерот Ставрески пред Нова Година.
За 2014 година веќе имаме неофицијална потврда на најмалку 20 нови странски компании дека во годината која доаѓа ќе почнат градба на нови капацитети во Македонија.
Никола Груевски, премиер.

Премиерот вели дека годинава ќе има повеќе инвестиции, повеќе работни места, повеќе роуд шоуа.

Премиерот Никола Груевски и министерот за труд и социјала Диме Спасов поделија новогодишни пакетчиња на децата од Домот за деца без родители „11 Октомври“.


„За 2014 година веќе имаме неофицијална потврда на најмалку 20 нови странски компании дека во годината која доаѓа ќе почнат градба на нови капацитети во Македонија, а уште други десетина компании размислуваат да донесат таква одлука и се надевам и дека и некој од нив ќе ја донесат. Ова се компании кои ќе донесат повеќе илјади нови вработувања во автомобилската индустрија, информатичките технологии, земјоделието, текстилот, металургијата и производствените дејности. Но ние тука не застануваме“, вели премиерот Никола Груевски.
Оваа влада нема никаква намера да се откаже од само за неа „идеалниот“ економски модел на владеење. Тоа е моделот на владата на премиерот Никола Груевски кој всушност е себичен и кукавички.
Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ.

Наспроти кажувањата на владата дека годинава ќе настапи подобрување во економијата, единствените три нешта коишто навистина ќе продолжат да растат се задолжувањето, бројот на прекршочни казни и раскалашеното трошење на власта! Очекувања за 2014 година се идентични како во 2012 и 2013 година, вели Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ.

„Оваа влада нема никаква намера да се откаже од само за неа „идеалниот“ економски модел на владеење. Тоа е моделот на владата на премиерот Никола Груевски кој всушност е себичен и кукавички. Себичен затоа што е корисен само за врвот на власта. Кукавички затоа што не се презема ниедна од тешките и „болни“ структурни реформи поради страв од непопуларност. Но, тие реформи се, едновремено, неопходни ако сакаме да имаме економски прогрес“, рече Узунов.
На овие фактори коишто беа присутни досега ќе се надоврзе и зголемената побарувачка од нашите најголеми трговски партнери коишто веќе ќе почнат да растат и тоа би требало да доведе до мало зголемување на економскиот раст на стапка од околу 3,7 проценти.
Димитар Богов, гувернер на НБРМ.

Народната банка очекува раст на економијата од 3,7 проценти. Гувернерот Димитар Богов вели дека растот во 2013 бил воден од странските инвестиции и јавните инвестиции. Тој очекува тие да продолжат да го поттикнуваат економскиот раст и во 2014. Дополнително, благото закрепнување на економијата на Европската унија, која е доминантен трговски партнер на земјава, ќе го поттикне растот и во останатите традиционални извозно ориентирани индустрии, а закрепнувањето на приватната потрошувачка ќе влијае поволно врз секторот на услугите, вели Богов. Во целина, закрепнувањето ќе продолжи во 2014 година со посилен интензитет. Според него, можни се и повисоки или пониски остварувања доколку се променат некои од претпоставките за проекциите. Во овој момент најголемите ризици сè уште доаѓаат од решавањето на должничката и банкарската криза во неколку земји од ЕУ, вели Богов.
Има услови за првпат од економската криза за ваков економски раст од 3,5 отсто.
Златко Калеников, претседател на Сојузот на стопански комори.

„Оваа година треба да биде нешто поповолна, односно овој тренд да продолжи, значи на овие фактори коишто беа присутни досега ќе се надоврзе и зголемената побарувачка од нашите најголеми трговски партнери коишто веќе ќе почнат да растат и тоа би требало да доведе до мало зголемување на економскиот раст на стапка од околу 3,7 проценти“, вели Богов.
Тие луѓе што примаат социјална помош да не мора да примаат социјална помош и да седат дома, туку парите што државата ги дава за социјална помош да им се исплаќаат на фирмите и со тие пари фирмите да им плаќаат придонеси на тие лица, а остатокот од нето платата да се исплаќа од страна на работодавачите.
Арбен Халили, Стопанска комора на северозападна Македонија.

Дел до бизнисмените се скептични за бизнис климата во првите месеци од 2014. Она на што упатуваат бизнисмените е дека во првите 3 месеци од новата година не очекуваат подобрување во однос на нови вработувања и обем на производство. Арбен Халили од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека нè очекува една релативно тешка година.

„Фокусот на стопанствениците, а истовремено и на самата влада треба да биде повеќе на подобрување на инфраструктурата посебно, од друга страна треба да се избегнуваат сите можни бариери и несогласувања со земјите од соседството и пред сè очекуваме до владата да ги исполнува своите обврски кон стопанството, на исто ниво како што очекува самото стопанство да ги исполнува своите обврски кон владата“, вели Халили.
Парадокс е тоа што бројката на невработени константно се намалува, а од друга страна немаме зголемување на бројот на вработени.
Артан Садику, Левичарско движење Солидарност.

Од Сојузот на стопански комори велат дека годинава ќе биде подобра година за економијата, со динамичен раст кој ќе надмине 3,5 отсто пред сè преку реализација на капиталните инвестиции кои се за 20 проценти повеќе во однос на 2013. Според ССК, условите за економски раст првпат по економската криза се најповолни.

„Има услови за првпат од економската криза за ваков економски раст од 3,5 отсто, значи приватниот сектор доколку се зголеми ликвидноста, се зголемат капиталните инвестиции, како што ги најави владата 11 отсто преку буџетот и 9 отсто јавните претпријатија, дека сите овие работи ќе допринесат за зголемен економски раст и се надевам дека целата економија конечно ќе излезе од таа депресија или слаба кондиција“, вели претседателот на ССК Златко Калеников.
Единственото што владата го очекува и тоа јавно го соопштуваат е наместо нас, таа работа да ја завршат некои други, на пример некои странски инвеститори.
Никола Поповски, поранешен министер за финансии.

Професор Никола Поповски, кој е и поранешен министер за финансии, вели дека годинава по ништо нема да се разликува од претходно. Тој наведува три причина поради кои нема некои големи очекувања за годинава.

„ Првата причина е што светската економија во целина и натаму ќе ползи, значи нема да има никакви значајни напредоци ниту во нивото на економски активности, ниту во трговската размена во светот, освен во оние земји со растечки пазари со кои за жал ние немаме многу соработка, Индија, Кина, Русија, таканаречените земји од БРИКС и некои други. Овие со кои имаме соработка ќе имаат многу забавени активности и нема да може да ја повлечат ниту нашата економија. Втората причина е големиот песимизам во врска со нашето евроинтегрирање. Ние знаеме дека државите не се интегрираат во ЕУ заради сопствен имиџ, туку заради тоа да бидат дел од една голема економија која ги отвора шансите за економска соработка на многу повисоко ниво, за производство, за трговија, за размена и тн. Со оглед на однесувањето на нашата влада не очекувам дека во 2014 година ќе имаме каков било напредок, тоа е вториот важен факт. Третиот факт е што ние веќе 7-8 години немаме значителни економски активности, немаме напредок на ниедно поле, производството и економијата не растат, невработеноста де факто е заглавена на 30-тина проценти, како и сиромаштијата, а економските политики кои во изминативе 7 години не можеа да го сменат тоа остануваат исти и во 2014 година, тие ќе се потпираат на прекумерна јавна потрошувачка, на буџетски дефицити и на задолжување на земјата во странство за непродуктивни расходи, тоа е вградено и во овој буџет, што значи дека нема никакви мерки за поттикнување ниту на економијата, ниту на извозот, поради кои би можеле и по тој основ со некакви внатрешни резерви да очекуваме пресврт“, вели Поповски.

Граѓаните, пак, очекуваат дека годинава ќе биде подобра. Истражувањето на Брима спроведено во ноември минатата година покажало дека 37 проценти од граѓаните во Македонија сметаат дека 2014 година ќе биде подобра од 2013, 26 отсто сметаат дека ќе биде полоша, а 31 процент очекуваат да биде иста. Кога е во прашање очекувањето за економскиот просперитет, 33 проценти очекуваат 2014 да биде потешка, наспроти 26 кои очекуваат да биде подобра, додека 34 отсто сметаат дека ќе остане непроменета.

Но, и покрај желбите за богатство и бериќет, ветувањата за помала невработеност и за подобро утре, на голем дел од граѓаните реалност не им е нималку розова. Околу 27 проценти од вкупното население во Македонија живее во сиромаштија, објави Државниот завод за статистика. Според анкетите на статистика, мнозинство граѓани не можат редовно да си ги платат сметките. Околу половина од граѓаните во земјава не можат да си дозволат оброк со месо или риба секој втор ден. Четвртина од граѓаните не можат да си дозволат да имаат автомобил, а речиси еден и пол милион граѓани не можат да платат еднонеделен одмор годишно. Речиси една третина од четиричлените семејства составени од двајца возрасни и две издржувани деца живеат во сиромаштија. Стапката на сиромашни невработени лица изнесува 48,7 отсто, додека стапката на сиромашни вработени лица е 10 отсто.

Добрите економски показатели не секогаш зборуваат за состојбата на граѓаните во една земја. Можете да имате добра клима за инвестиции и позитивен раст, но сепак да има екстремна поларазација на богатството, вели Артан Садику од Левичарското движењето Солидарност.

„Според џини индексот кој покажува колку една држава е внатрешно суштински еднаква, Македонија е рекордер од сите држави во регионот и државите од некогашниот Советски Сојуз, а тоа значи дека во Македонија постојат најголеми социјални и класни разлики од сите овие други држави, тоа покажува дека нашите политики воопшто не се прилагодени кон конкретните социо-економски услови во државата, туку властите гледаат да изградат надворешна добра слика, а внатрешно сè уште патиме од последици кои се влечат од 90-те години па сè до денеска“, вели Садику.

Арбен Халили од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека стопанствениците имаат план како може да ја зголемат вработеноста, а со тоа да ја подобрат и општата економска слика во земјата.

„Тие луѓе што примаат социјална помош да не мора да примаат социјална помош и да седат дома, туку парите што државата ги дава за социјална помош да им се исплаќаат на фирмите и со тие пари фирмите да им плаќаат придонеси на тие лица, а остатокот од нето платата да се исплаќа од страна на работодавачите“, вели Халили.

И министерот за финансии Зоран Ставрески најави дека стапката на невработеност ќе се намалува и годинава. Тој вели дека процентот ќе паѓа како резултат на нови вработувања, а клучен генератор ќе бидат странските инвестиции. Постојаните капацитети ќе се прошируваат, но и нови 20 инвестиции се најавени дека ќе се реализираат годинава, изјави Ставрески во интервју за државната новинска агенција МИА.

„Тоа се 11.800 нови работни места од постоечките инвестиции во зоните, од кои 4.028 се веќе реализирани. Дополнително, во текот на 2014 година се очекува влез на околу 20 компании кои ќе креираат неколку илјади работни места“, вели Ставрески.

Аналитичарите се на став дека намалувањето на процентот на невработени треба да биде резултат на нови работни места, а не на административно бришење од евиденцијата.

„Парадокс е тоа што бројката на невработени константно се намалува, а од друга страна немаме зголемување на бројот на вработени. Агенцијата за вработување излезе со бројка на намалена невработеност, но во секоја нормална држава таквата агенција истовремено треба да објави и кои се тие нови работни места со кои се намалила невработеноста. Кај нас оперираат само со цифри без никаква друга евиденција“, вели Артан Садику од Солидарност.

Според последните податоци на Статистика, невработеноста падна на 28,7 проценти.

Никола Поповски вели дека кога се работи за вработувања, владата се повикува на странските инвеститори, но тие нема да завршат голема работа.

„Единственото што владата го очекува и тоа јавно го соопштуваат е наместо нас, таа работа да ја завршат некои други, на пример некои странски инвеститори да дојдат во Македонија, да ангажираат наши ресурси, наши работници и на тој начин да се поттикне производство. Но, гледаме дека тоа се индустрии кои во изминативе десетина години вкупно вработија 2-3.000 работници и во најдобрите варијанти за оваа година тоа повторно ќе бидат уште неколку илјади, тоа е минимално. Нашата економија има околу 550 илјади вработени и околу 300 илјади невработени, и ако баратаме со бројки до 2-3 илјади вработени кои треба да ја покренат економијата, тоа ќе биде невозможно, што значи дека не очекувам по ниедна основа македонската економија годинава да доживее значаен успех“, вели Поповски.

Македонската економија во 2014 се очекува да порасне за 3,2 отсто. Главни двигатели на растот треба да бидат извозните компании, јавните капитални инвестиции, странските директни инвестиции и зголеменото кредитирање од страна на банките.

Во буџетот за 2014 година се предвидени капитални инвестиции од 365 милиони евра и околу 150 милиони евра за изградба на патна инфраструктура. Се планира и зголемување на извозот од околу 10,4 отсто во однос на 2013, а странските директни инвестиции се очекува да бидат околу 330 милиони евра.

Македонската економија во голема мера зависи од европската. Ако се подобрат приликите во Европа, но и ако се реализираат најавите за вложувањата дома, може да се очекува придвижување, велат економистите.