Година на надзорот

Новица Наков, блогер, истакнат член на македонската заедница за слободен софтвер.

Сега веќе си мислите: „Не ме засега ова мене. Јас ништо не сум згрешил“. Вообичаениот тест на овој коментар е: „Да, секако, може да ми ја дадеш твојата лозинка за Facebook?“. Се разбира, никој не го положува овој тест, пишува Новица Наков во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.
Кога на крајот на 2012 година Нова Македонија побара од мене да ги кажам моите очекувања за (животот на) Интернет во 2013 година, напишав дека не очекувам ништо различно од досегашните случувања:
Сега веќе си мислите: „Не ме засега ова мене. Јас ништо не сум згрешил“. Вообичаениот тест на овој коментар е: „Да, секако, може да ми ја дадеш твојата лозинка за Facebook?“. Се разбира, никој не го положува овој тест.

„Во 2013 во светски рамки веројатно е да се очекува да се појават нови предлози, закони, договори кои ќе се обидат да спроведат слични решенија како веќе споменатите (ACTA, SOPA, PIPA) по веќе добро разработената пракса на „преместување на форумите“ - ако нешто не може да се изгласа во САД или договори во ЕУ ќе се договара во СТО, или, пак, ќе се предложи преку некоја друга организација, а потоа ќе се промовира како меѓународен стандард итн. За очекување е светската јавност да реагира на ваквите случувања како и до сега и веројатно ние од овде, ако ништо друго, ќе ја понудиме нашата принципиелна поддршка за зачувување на слободата на користење на технологии и пристап до Интернет.“

Но, не требаше да помине многу време за моите очекувања да зазвучат на посакуван оптимистички исход. Веќе во март, Citizen Lab од универзитетот во Торонто ги откри новите инсталации на FinFisher меѓу кои сега се наоѓаше и Македонија. Во мај Едвард Сноуден и Глен Гринвалд со Гардијан открија дека живееме во свет на сеприсутен и постојан надзор. Трговските договори наеднаш заличија на ситни проблеми.

Нема што многу да се напише за надзорот на Интернет, а веќе да не сте го прочитале на друго место. Но, да повториме: Американската агенција НСА, заедно со агенциите на некои американски сојузници и во соработка (некаде присилна, некаде доброволна) со компаниите од Силиконската долина правела масивен и масовен надзор на комуникациите на Интернет: собирала мета-податоци, имала пристап до сервисите за електронска пошта, до мобилните телекомуникации, се обидувала да ги ослабне системите за енкрипција... Ова било возможно поради законите што во САД се стапени на сила по 9/11. Исто така, било возможно и поради евтините технологии за надзор, евтиниот достап до терабајти и терабајти и терабајти дискови за складирање на податоци. Можеби треба да напишеме збор повеќе за FinFisher, софтверот за кој Владата на Македонија ниту потврди, ни демантираше дека го има купено, но не постојат никакви официјални информации за инсталацијата на овој софтвер. На крајот на краиштата – ако тој софтвер не го купило МВР, тогаш тие треба да истражат кој тоа го сторил на нашата територија.

Но, сега веќе си мислите: „Не ме засега ова мене. Јас ништо не сум згрешил“. Вообичаениот тест на овој коментар е: „Да, секако, може да ми ја дадеш твојата лозинка за Facebook?“. Се разбира, никој не го положува овој тест.

Да се вратиме на надзорот. Што значи тоа кога ќе кажеме сеприсутен и постојан надзор? Во своите предавања за авторските права Лоренс Лесиг често го истакнува развојот на законот за авторски права од закон кој регулирал една индустрија во закон кој нѐ регулира сите нас. На неговите почетоци законот имал за цел да го регулира копирањето, умножувањето на книгите. Но, на Интернет секој клик е копирање, потенцира Лесиг. Додека го читате овој текст, копија од него се прави во кешот на прелистувачот што го користите. Законот и технологијата се мешаат на таков начин што секоја наша интеракција со авторското дело на интернет претставува кршење на некоја законска одредба. Истото се случува со надзорот. Пред дигиталната технологија, надзорот врз луѓето бил строго регулиран од физичките можности, дури и онаму каде законите биле суспендирани. Најстрашната држава на надзор на 20-тиот век, Источна Германија, не можела да ги следи сите свои граѓани, дури и да сакала тоа да го прави. Едноставно немало толку агенти за следење или немало толку службеници што можеле да ги читаат сите писма или немало технички можности да се прислушкуваат повеќе телефони одеднаш. Тогаш, законите за надзор, дури и онаму каде што биле злоупотребувани, биле таргетирани. Едноставно тоа бил надзор што не бил сеприсутен и не бил постојан.
Кога споделувате некоја интернет врска, кога ќе го споделите и овој текст на Twitter или Facebook, секој клик ќе се мери, сите компании ќе знаат дека го читате, како што знаат и што сѐ друго читате. Ова не се случуваше порано кога со своите пријатели ќе ја споделевме нашата омилена книга.

Денес тоа повеќе не е така. Надзорот е насочен кон серверите на големите компании кои ги чуваат нашите податоци. Полесно е да се ископира сѐ, отколку да се копа за деталите. Спакувани така, на некои дискови во хангарите на агенциите нашите податоци ќе го дочекаат моментот кога доволно брз компјутер ќе може да ги обработи, ако претходно, се разбира, некој клучен збор не ги бутне понапред во редот. Во годините што следат ќе мораме да направиме многу за да излеземе од оваа ситуација. Но, прво мора да се сложиме дека оваа ситуација е погрешна, опасна и штетна. Потоа, техничките детали се лесни.

Сара Кендзиор во својата колумна на Ал-Џезира слика интересна слика за тоа што споделуваме на Интернет. Ниту еден наш профил не е целосна слика на нашата личност. Колку што споделуваме, толку и криеме, испуштаме или претеруваме. Најголемата опасност, вели таа, не е прибирањето туку интерпретирањето на податоците. Нашето одбрано, само-цензурирано и комплицирано изразување не е комплетната слика за нашата личност. Сепак, тоа е единствената слика што може да се изведе од податоците што се собрани:

„Најголемата опасност од надзорот на Интернет не е дека тие нѐ знаат, туку дека тие мислат дека нѐ знаат и дека ние сме заложници на нивната интерпретација. Тие ќе шпионираат сѐ додека „нешто“ не се случи и тоа што ние наивно си го нарекуваме „живот“ ќе биде фрлено назад како докази.“

Вообичаената дискусија нѐ тера да заклучиме дека поради овие причини потребна е заштита на податоците. Но, Џејкоб Апелбаум објаснува дека дискусијата за заштита на податоците е погрешна. Тоа за што треба да зборуваме е заштита на луѓето, затоа што луѓето – ние, а не податоците, сме загрозени од надзорот. Губењето на приватноста, вели Апелбаум, всушност е губење на слободата, затоа што слободата подразбира ние да можеме да носиме одлуки во нашиот личен и приватен свет, свет кој што не треба да биде отворен на надворешни актери.

Но, нашите податоци, она што го споделуваме и она што го комуницираме со блиските, не се единствените нешта што се загрозени. Ебен Моглен нѐ потсетува дека читањето без надзор е подеднакво важно за слободата. Моглен го мапира проблемот како еколошка катастрофа бидејќи последиците од дејствата на поединецот нѐ засегаат сите нас. Кога споделувате некоја интернет врска, кога ќе го споделите и овој текст на Twitter или Facebook, секој клик ќе се мери, сите компании ќе знаат дека го читате, како што знаат и што сѐ друго читате. Ова не се случуваше порано кога со своите пријатели ќе ја споделевме нашата омилена книга. Всушност книгата можеше да патува наоколу и да поттикнува дискусии, разговори, да инспирира целосно штитејќи го приватниот простор на читателот.

Губењето на приватноста на читањето, пишувањето и собирањето (или дружењето) ги загрозува основните човекови права, кои, макар и неволно, се вградени во уставите на голем број на земји. Сѐ додека не се договориме дека основните човекови права повеќе не се важни за нас, ние мораме да сториме сѐ за да ги заштитиме. Мора да се погрижиме дека на Интернет ќе можеме да имаме приватниот и личен простор во кој се развива нашата личност, нашите способности и мисли, и кој ќе ни служи за да ги одржуваме врските со нашите блиски без страв од надзор од држави или корпорации. Ова е нешто за кое што мораме да се согласиме.

Потоа, само останува лесниот дел. Мораме да им помогнеме на инжинерите и правниците да го направат она што треба да се направи за надзорот да ги изгуби епитетите сеприсутен и постојан. Се надевам сме чекор поблизу до согласност.

Среќни празници.