ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли како неточни и паушални информациите изнесени од СДСМ и портпаролот Петре Шилегов во врска со спроведување на акцијата „Ден на дрвото“.
- СДСМ денес се одлучи да критикува една долгогодишна акција која е прифатена од сите граѓани на Република Македонија. СДСМ критикува се што оваа Влада прави. СДСМ до сега не поздрави и не поддржа ниту еден проект. Но, тоа го прави бидејќи во времето додека тие беа на власт немаа ниту проекти, ниту значајни активности, ниту позитивни мерки, стои во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
Заради интерес на јавноста наведува дека површините под шума во Република Македонија континуирано се зголемуваат во површина и во дрвна маса според сите официјани домашни и меѓународни статистики, што ги демантира од изнесените паушални наводи на Петре Шилегов.
Опозициската СДСМ денеска обвини дека и покрај повеќето спроведени акции за засадување дрвја има нелогичности во дрвниот фонд во државата.
- Власта не сади здравје, туку и од денешната акција Ден на дрвото направи уште еден расадник, но на милиони што завршуваат во нечии џебови, изјави портпаролот на СДСМ Петре Шилегов. Ако навистина се садат дрвја и се пошумува, додаде, невозможно е вкупната површина под шуми во земјава, наместо да се зголемува, да е намалена. Според официјални податоци на Државниот завод за статистика вкупната површина под шуми во 2012 година, во однос на 2002 година е намалена за 211 хектари, наведе Шилегов.
Во годините кога немало акција „Ден на дрвото“, истакна, имало двојно повеќе пошумени површини и затоа власта треба да каже каде се милионите садници од досегашните акции и каде завршиле милионските суми за нив.