Бадијала дипломатски офанзиви за ЕУ, без решение за „името“

Никола Попоски, министер за надворешни работи на Македонија.

Упатените велат дека агресивната политика што во наредниот период ја најавува министерот Попоски, нема да донесат конкретни резултати за македонските евроатланскиинтеграции.
Дипломатската офанзива што во пресрет на декемврискиот самит на Европската Унија ја најави шефот на македонската дипломатија Никола Попоски ќе биде уште една потврда на потребата од решавање на спорот за името, анализираат домашните експерти. Иако не ја отфрлаат како непотребна, упатените велат дека средбите со европските дипломати, разговорите со нив и агресивната политика што во наредниот период ја најавува Попоски, нема да донесат конкретни резултати за македонските евроатланскиинтеграции, туку само ќе се сведат на заедничкиот именител, спорот за името.
И оваа иницијатива на министерот е всушност еден вид разговори кадешто ќе се согласат со своите странски хомолози дека Република Македонија треба да направи напори во изнаоѓање на солуција со Атина.
Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО.

„И оваа иницијатива на министерот е всушност еден вид разговори кадешто ќе се согласат со своите странски хомолози дека Република Македонија треба да направи напори во изнаоѓање на солуција со Атина“, вели поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин.

Премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и еврокомесарот Штефан Филе, Брисел, Белгија, 25.10.2013.


Сосема е нормално актуелните власти да преземаат мерки и активности кои можат да го олеснат нашиот пат кон членство во Европската Унија, вели универзитетскиот професор Абдула Азизи. Она што според него може да се постигне со дипломатската офанзива е да се убедат моќните Германија и Франција да извршат притисок врз Грција и да ја разубедат во намерата да го блокира нашето членството во евроатланските структури.
Притисок да се направи, значи нашите партнери да влијаат врз Грција да се воздржи од процесот на блокирање на кое веќе настојува и Грција, па и Бугарија.
Абдула Азизи, универзитетск професор.

„Притисок да се направи, значи нашите партнери како што се Германија и Франција, и другите кои имаат битна улога во донесувањето на одлуки во ЕУ, да влијаат врз Грција да се воздржи од процесот на блокирање на кое веќе настојува и Грција, па и Бугарија.“

Според Ружин пак она што е симптоматично за овој период е некоординираноста на премиерот и министерот за надворешни работи во водењето на меѓународната политика, оти додека Попоски најавува силни и интензивни активности во периодот до декемврискиот самит, Груевски вели дека и ако не добиеме датум за преговори, денот после самитот сонцето повторно ќе изгрее. За Ружин е загрижувачка и изјавата на новиот помошник државен секретар за Европа, Викторија Нуланд во која таа вели дека решението на спорот за името е во рацете на Скопје и Атина.

„Вистинската иницијатива за решавање на спорот е всушност во компомисната формула, единственото решение е во тоа, друго не постои, тоа ни го велат.“

Азизи е убеден дека во моментот не постои политичка клима во државата за затворање на ова прашање. Во изминатите години македонските влади не направија ништо за да го решат ова клучно прашање, а таквата тенденција е видлива и денес, вели тој.

„Треба да има еден широк консензус да се даде еден предлог или било колку предлози и тоа што е најсоодветно, за да знаеме ние за што да разговараме со Грција, значи ова е обична фарса дека ние разговараме со Грција“, изјави Азизи.