Металург-Вардар: скопско дерби во Лигата на шампиони

Ракометниот меч Металург-Вардар во СЦ Борис Трајковски. Полуфинале во СЕХА купот

Натпреварите меѓу Металург и Вардар, во ЛШ ќе бидат под специјална безбедносна контрола на ЕХФ.
Дербито што пред една деценија почна како градско, за во последните 6-7 години да прерасне во македонско и Балканско, од утре, дефинитивно, ќе биде и европско. Станува збор за дуелот на нашите најдобри ракометни клубови, Вардар и Металург, на кои им претстои двомеч во најквалитетното европско клупско натпреварување Лигата на шампионите.
Секако дека е еден голем плус прво за самата држава, а потоа за ракометот во Македонија. Во најелитното натпреварување во Европа во ракометот, Лигата на шампионите, се среќаваат два македонски тима кои играат веќе некоја улога во таа ЛШ.
Наумче Мојсовски, капитен на Металург.

Првата пресметка е утревечер, кога во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје домаќин ќе биде Металург, а реваншот е закажан за 24-ти ноември во истата сала. Наближувањето на двобојот, за кој говори цела Европа, ја зголемува температурата на домашната сцена, а со тоа и задоволството кај членовите на двата наши гиганта.

„Секако дека е еден голем плус прво за самата држава, а потоа за ракометот во Македонија. Во најелитното натпреварување во Европа во ракометот, Лигата на шампионите, се среќаваат два
македонски тима кои играат веќе некоја улога во таа ЛШ. Така што мислам дека е ова еден голем подвиг и мислам дека нема тука да се застане, туку ќе се продолжи да се вложува во ракометот, кој моментално е прв спорт во државата“, изјави капитенот на Металург, Наумче Мојсовски.
Можеби уиграноста на Металург, повеќе време се заедно би можеле да го искористат тоа како нивна предност. Едноставно имаат повеќе искуство во тие дерби натпревари, играчи што одиграле повеќе такви натпревари.
Филип Лазаров, капитен на Вардар.

Тој пред утрешниот дуел од петтото коло во групата Ц, најавува беспоштедна борба за победа, што е случај и со вардарци. И едните и другите, имајќи ги предвид и претходните неизвесни дуели, истакнуваат дека на хартија никој не може да се издвои барем како минимален фаворит. Сепак, ако треба да се бараат предности, според капитенот на Вардар, Филип Лазаров, адут на Металург е искуството, а на неговиот тим поголемиот фонд на играчи.

„Можеби уиграноста на Металург, повеќе време се заедно би можеле да го искористат тоа како нивна предност. Едноставно имаат повеќе искуство во тие дерби натпревари, играчи што одиграле повеќе такви натпревари. Како наша предност би можел да ја издвојам поголемата ротација на играчи. Гледаме дека Металург се мачат со повреди, а кај нас со мали исклучоци сите играчи се подготвени. Можеби таа поголема ротација би можеле да ја искористиме на правилен начин“, рече Лазаров.

Од двата табора се едногласни и за тоа дека за средбите (в четврток и на 24-ноември) да бидат празник на ракометот, свој придонес ќе мора да дадат и навивачите. Ова особено по одлуката на ЕХФ да испрати комесари за безбедност, задолжени за следење на организацијата и за случувањата на трибините. Затоа и апелот до навивачките групи да не му наштетат пред се на македонскиот ракомет, а Лазаров додава:

„Многу слушнале за ова дерби, важеше за најголемо Балканско дерби. Ние ќе се потрудиме да го направиме и едно европско дерби. Ние играчите да одиграме што поквалитетен натпревар, поинтересен и нормално публиката да се однесува на тој натпревар европски, бидејќи ќе го гледа цела Европа. Да ги избегнеме оние немили сцени што знаеле да се случуваат на тој дерби натпревар во минатото“.

Инаку, по четирите досега одиграни кола, лидер во групата Ц е Барселона. Клубот за кој настапува најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров има 7 бодови, еден повеќе од Металург, а три повеќе од Вардар и од Динамо Минск. Петтопласираниот Пари Сен Жермен досега освои три бодови, додека Вакер Тун се уште е на нула.