Огнени јазици – Драма за преводот и сеопштото разбирање меѓу луѓето

Огнени јазици, театарска претстава на Слободан Унковски по текст на Горан Стефановски.

Пишувана по нарачка, на 2-ри ноември во 20 часот, на сцената на Драмски театар, ќе се случи праизведбата на „Огнени јазици“ - десеттата јубилејна соработка помеѓу авторот Горан Стефановски и режисерот Слободан Унковски. Во оваа драма за преводот и сеопштото разбирање меѓу луѓето играат Драган Спасов – Дац, Благој Веселинов, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Зоран Љутков, Соња Стамболџиоска, Диме Илиев, Игор Ангелов и Биљана Драгиќевиќ – Пројковска. Музиката е на Златко Ориѓански, сценскиот дизајн на Игор Тошевски, костимите на Ивана Кнез, анимациите на Денис Сарагиновски, а автор на плакатот е Мирко Илиќ.
Отсекогаш знаев дека Кирил и Методиј го посветиле својот живот на преведување и ширење на светото писмо на словенски јазик, но полека почнав да сфаќам дека тие се големите светци и великомаченици на преводот воопшто. Целиот живот го посветиле во напори светот подобро да се разбере, а проблемите кои се обидувале да ги решат во деветтиот век се отворени и ден денес. Не случајно тие се светци заштитници на Европа.

Господ е во вистинскиот превод, во премостувањето, во стварањето склад и смисла. Ѓаволот се крие во погрешниот превод, во збрката и бесмислата. Во мајчиниот јазик човек се чувствува - дома. При преводот неретко се случува таа „дома“ да се изгуби.
Горан Стефановски, драматург.
Насловот на драмата, се разбира, е преземен од Светото Писмо и чудото на Педесетницата. Тој ден се појавуваат огнени јазици, „се отворија очите на слепите, се отнаа ушите на глувите! Почнаа да врнат свети дождови од слова, порои од букви!“ Со ова се става крај на древната збрка со јазиците од Кулата Вавилонска. Господ праќа завет дека луѓето можат да се разберат меѓу себе на своите различни јазици и дека преводот е можен. Со овој знак Апостолите поаѓаат во мисија да ја шират верата низ светот.

Претставата е за Македонија денес, за идентитетот, за јазикот, за состојбите духовни. Тоа мислам дека е најважно. Тоа е суштината на целата работа.
Слободан Унковски, режисер.
Ова ќе го запише Горан Стефановски во пресрет на праизведбата на пиесата „Огнени јазици“ за која вели дека го драматизира прашањето на преводот и колку е тој воопшто можен.

„Во содржинска смисла, во драмата стана централен поимот на преводот, феноменот на можноста и неможноста на преведувањето. Господ е во вистинскиот превод, во премостувањето, во стварањето склад и смисла. Ѓаволот се крие во погрешниот превод, во збрката и бесмислата. Во мајчиниот јазик човек се чувствува - дома. При преводот неретко се случува таа „дома“ да се изгуби“, вели Стефановски.
Во оваа претстава си игравме со разни форми. Од некои најфелиниевски комични, до најтурбо музички парчиња. Имав апсолутна слобода да го дадам тоа што јас го чувствував за одредена сцена и мислам дека завршивме убава работа.
Златко Ориѓански, музичар.

Авторот дополнува дека во формална смисла увидел оти драмата не смее да биде костимиран биографски рецитал, та затоа презел некои решенија од својата постара пиеса „Чернодрински се враќа дома“, и како што вели, во неа „нема да се појават ликовите на Кирил и Методиј, иако тие се длабоко присутно-отсутни“.

„Околу тоа Свето отсуство се појавија повеќе ликови, меѓу кои и митолошките функции на Итар Пејо и Болен Дојчин, како два антипода, дионизиски и аполонски, кои со векови водат битка околу смислата, плазмата, идентитетот, веродостојноста. Драмата е апологија на интелектуалниот подвиг и духовното мачеништво на Кирил и Методиј на фонот на вековната борба меѓу световите на кирилица и латиница. Таа се обидува да ги драматизира судирите и расцепот меѓу иманентно и трансцедентно, свето и проклето, итроштина и мудрост, збег и дом, лутање и историја, октоих и зурла“, вели Стефановски.

Тој истакнува дека времето во оваа трагикомедија почнува денес, оди во 9 век, во 867 година и повторно жестоко се враќа назад.

Режисерот Слободан Унковски, пак, потенцира дека „Огнени јазици“ е претстава за Македонија денес, за идентитетот, за јазикот, за состојбите духовни.

„Претставата е за Македонија денес, за идентитетот, за јазикот, за состојбите духовни. Тоа мислам дека е најважно. Тоа е суштината на целата работа. Говорејќи за јазикот, говорејќи за духот на нацијата, ние говориме за историјата и за браќата Кирил и Методиј“, вели Унковски.

Инаку, во оваа двоиполчасовна претстава играат Драган Спасов – Дац, Благој Веселинов, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Зоран Љутков, Соња Стамболџиоска, Диме Илиев, Игор Ангелов и Биљана Драгиќевиќ – Пројковска.

Златко Ориѓански како автор на музиката, пак, вели дека ова нему му е јубилејна 50-претстава и прва што ја работел со тандемот Стефановски – Унковски, своите херои од младоста.

„Во оваа претстава си игравме со разни форми. Од некои најфелиниевски комични, до најтурбо музички парчиња. Имав апсолутна слобода да го дадам тоа што јас го чувствував за одредена сцена и мислам дека завршивме убава работа“, вели Ориѓански.

На костимографијата работеше Ивана Кнез, сценскиот дизајн е дело на ликовниот уметник Игор Тошевски кој по прв пат работи на еден театарски проект, автор на анимациите е Денис Сарагиновски, а решението за плакатот го потпишува познатиот графички босански дизајнер Мирко Илиќ кој долго време живее и твори во САД.

Кон ова само уште информацијата дека соработката на Стефановски и Унковски датира од далечната 1973 година, а во овие четири децении тие зад себе имаат десет театарски претстави (почнувајќи од „Јане Задрогаз“, преку култната „Диво месо“, „Демонот од Дебар маало“ која во Драмски премиерно беше изведена во 2006 и сè до актуелната „Огнени јазици“) и многу други проекти како „Бушава азбука“, „Наши години“...