САД и ЕУ: се шпионираме меѓусебно

Строгодоверливите документи, обелоденети од екс соработникот на американската Агенција за национална безбедност Едврад Сноуден за прислушување на мобилните телефони на над 35 светски лидери се закануваат да и наштетат на американската надворешна политика. Од друга страна, дел од конгресмените сметаат дека тие би требало да бидат благодарни што биле прислушувани. Тоа било за нивна безбедност.
Во Вашингтон во саботата беа одржани демонстрации со паролата „Ти благодариме Едвард Сноуден“ и со барање до Конгресот да ги преиспита масовните програми за тајно следење.

„Големината на прислушувањето беше тоа што не шокира“, оценува поранешниот шеф на француската дипломатија Бернер Кушнер, додавајќи: „Да бидеме искрени. Секој прислушува секого. Но, ние ги немаме истите средства како Соединетите држави, што не прави љубоморни“, го цитираат новинските агенции Кушнер.

Британскиот амбасадор во Либан Том Флечер деновиве на твитер напиша: „Јас работам со претпоставка дека најмалку шест земји го следат мојот телефон. Тешко некој дипломат да кажува нешто чувствително кога телефонира“.

Како и да е, според експертите, дипломатските односи се градат врз доверба. Ако американскиот кредибилитет е ставен под прашалник, тогаш тешко дека Вашингтон ќе може лесно да наоѓа сојузници, да има влијание врз светската јавност и да склучува трговски договори.
Мислам дека поголема вест тука би била ако американските разузнавачки служби не собирале информации што ќе ги заштити националните интереси дома и во странство.
Претседател на Комитетот за разузнавање Мајк Роџерс.

Шпионирањето меѓу сојузниците не е ништо ново, но сегашното обелоденување на таа активност би можело да им даде предност на Европејците во разговорите со Соединетите држави за договорот за слободна трговија меѓу двете страни.

Од друга страна, обелоденувањето, според експертите, би можело да ги отежне американските напори во борбата против тероризмот.

„Сојузничките лидери ќе немаат поттик да ги ставаат во ризик своите војници, доколку не можат да му веруваат на американското лидерство“, вели Кирон Скинер, директор на Центарот за меѓународни односи на Карнеџи Универзитетот.

Администрацијата на Обама на европскиот бес одговори дека прислушувањето било дел од заштитата на сојузниците од безбедносни закани. Во Вашингтон има и такви кои сметаат дека Европејците би требало да бидат благодарни за американските шпионски операции.

Претседателот на Комитетот за разузнавање на Конгресот Мајк Роџерс оцени дека европскиот гнев околу прислушувањето не бил искрен, а за аферата ги обвини медиумите.

„Мислам дека поголема вест тука би била ако американските разузнавачки служби не собирале информации што ќе ги заштитат националните интереси дома и во странство“, изјави Роџерс.

Конгресменот Мајк Роџерс и конгресменот Дач Раперсбергер


Агенцијата за национална безбедност ги отфрли наводите дека претседателот Барак Обама лично бил информиран оти уште од 2002 година американските шпиони ја следеле германската канцеларка Ангела Меркел.

Поранешниот потпретседател Дик Чејни вели дека американското шпионирање на сојзниците не било ништо ново. „Во тоа сме инволвирани подолго време“, признава Чејни.

Конгресменот Питер Кинг кој претседава со Поткомитетот за контратероризам и разузнавање дури смета дека Обама би требало да престане да се извинува.

„Реалноста е дека Агенцијата за национална безбедност спасила илјадници животи, не само во Соединетите држави, туку и во Франција и Германија“, изјави Кинг кој додава дека и Французите ги прислушуваат Американците.

Можеби затоа најдобра беше реакцијата на Меркел која рече: „Меѓу сојзниците и партнерите е неопходна доверба. Таа сега ќе треба да се гради одново“.