Нов проект на рап шампионите од Шутка

Шутка Рома рап.

„Јас сум андерграунд“ е насловен вториот албум на дефинитивно најуспешната македонска група на светските топ листи - ШУТКА РОМА РАП. Станува збор за следбеник на дебитантскиот „Шутка, моето родно место“ и за остварување кое веднаш по објавувањето за унгарската дискографска куќа „Фоно“ се најде во првите десет на престижната „Ворлд мјузик чартс Јуроп“.
Израснати на правливите улици од скопското гето, со вроденото чувство за ритам и незгаслив плам во очите, ШУТКА РОМА РАП веќе одамна не се само маалска субкултурна атракција која плодотворно го убива мачното секојдневие. Напротив, со својот органски спој на рапот со традиционалната музика, со стихови откорнати од душата, единствено како што само тие знаат и умеат, момците од овој колектив израснаа во самосвојна планетарна атракција на која што ширум и се отворени вратите на големите светски музички фестивали.
Вклучивме виолина, тапани, бас гитара и заедно со трубата и саксофонот дојдовме до овој израз што генерално е присутен на двата албума.
Мендо Селман, кларинетист и саксофонист.

Во прилог на ова говорат и несекојдневните перформанси на гигантските случувања како данскиот „Роскилде“, „Сигет“ во Будимпешта, словачкиот „Похода“, словенечката „Друга годба“, минатогодишното издание на „Вомекс“ кое се одржа во Солун и така со ред.

Ги споивме елементите од рок, реге, поп музиката со звуците на лимените инструменти и така стигнавме до добитната комбинација. Нормално вклучивме и електронски тапани кои на раперите им ја дадоа потребната ритмика. Така стигнавме до денешниот звук.
Даде, басист.
Инаку, приказната за дружината започна во 2009 година со деби објавата „Шутка, моето родно место“(продуценти Џијан Емин и Иван Бејков), компилацијата на која се најдоа демо-снимките на дузина гневни рапери од Шуто Оризари во кои тие го опеваа своето секојдневие и зад која безрезервно застана Фондацијата Отворено општество – Македонија. Изданието одлично помина кај критичарите во светските музички магазини и без каква било каква поддршка од некој дистрибутер се искачи на 15 место на ВМЧЈ, за да потем претстојните промотивни активности ја наложат потребата од формирање на дружина во која покрај четворицата влегоа и неколкумина одлични инструменталисти, кои имаа за задача на звучната слика да и ја дарат неопходната оригиналност (неверојатно заразен микс на хип-хоп, со ромско етно, ритам и блуз, метал, панк рап, реге...).

Генерално се бунтуваме против дискриминацијата на нас Ромите, но песните вибрираат и не се врзани само за една тема. Реакциите се навистина позитивни бидејќи ние рапуваме на ромски јазик.
Мали, рапер.
Безмалку од самиот почеток на проектот во сржта на работите е влезен и искусниот словенечки продуцент и музички уредник Петар Барбарич, па така со неговите драгоцени сугестии ШУТКА РОМА РАП ја избегна стапицата да остане „чудо за три дена“. Дури сега, со обелоденувањето на вториот албум „Јас сум андеграунд“ (со Мите Димовски како продуцент) за унгарската дискографска куќа „Фоно“, урбаниот колектив е на добар пат, со јазик и сентимент близок до новите генерации, да го надмине она што со децении го градеа „традиционалистите“ како Ферус Мустафов, повеќето пројавни облици на КОЧАНИ ОРКЕСТАР, струмичаните Агушеви...

„Со менаџерот дојдовме до сознание дека треба по првиот експериментален албум да направиме некои промени во звучната слика, па затоа вклучивме виолина, тапани, бас гитара и заедно со трубата и саксофонот дојдовме до овој израз што генерално е присутен на двата албума“, вели Мендо Селман, кларинетист и саксофонист и член на познатиот ПИЦИКАТО БРАС БЕНД.

Басистот Даде дополнува дека на постојниот микс од рап и ромско етно тогаш му додале мелодии и ритми од останатите видови современа музика.

„Ги споивме елементите од рок, реге, поп музиката со звуците на лимените инструменти и така стигнавме до добитната комбинација. Нормално вклучивме и електронски тапани кои на раперите им ја дадоа потребната ритмика. Така стигнавме до денешниот звук“, вели Даде.

Од друга страна, во името на дружината која е задолжена за римите, а во која се Фет Џо, Ал-Алион, Кеј Уан, Нусрет и Таки, раперот Мали знае да каже дека секој од нив си го пишува својот дел и дека текстовите им се со најразлична тематика, од бунтовни до љубовни.

„Генерално се бунтуваме против дискриминацијата на нас Ромите, но песните вибрираат и не се врзани само за една тема. Реакциите се навистина позитивни бидејќи ние рапуваме на ромски јазик и целта ни е да го сочуваме нашиот јазик. Згора на тоа сакаме да ги претставиме Ромите во ново, поинакво светло. Ова што го работиме ние е всушност посегање по традицијата, со таа разлика што ние ја урбанизираме таа наша долга традиција. Навистина многу работиме и верувам дека имаме сили да одиме понатаму“, вели Мали.

Инаку, непосредно по обелоденувањето, „Јас сум андерграунд“ се најде на осмото место на престижната „Ворлд мјузик чартс Јуроп“, листата што еднаш месечно ја составуваат радиодиџеи специјалисти за овој жанр од 24 европски земји. Тие ги бираат своите 10 фаворити од купот нови изданија од целиот свет и потем списокот го праќаат во централата во Берлин каде се составува официјалната топ листа.

Ова несомнено многу ќе им помогне во планирањето на натамошните промотивни настапи и учествата на големите фестивали, но продуцентот и менаџерот Барбарич е воздржан околу нивното обелоденување велејќи дека кризата се прели и во музичкиот бизнис и дека навистина е тешко да се кројат плановите. Сепак, тој е убеден дека пред ШУТКА РОМА РАП е убава иднина и верува дека дури допрва тие ќе имаат што да покажат на глобален план.