Некои не веруваат, но сите се надеваат на кинески инвестиции

Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски во посета на Кина на 2 јули 2013 година.

Судејќи по медиумските извештаи, се добива впечаток дека кинеските компании само што не влегле во Македонија.
Бизнис заедницата и економистите засега се воздржуваат од коментари во врска со најавите за бран од кинески инвестиции во Македонија. Судејќи по медиумските извештаи, се добива впечаток дека кинеските компании само што не влегле во Македонија.
Другите чинители во општеството едноставно немаат податоци, така што не може да бидат повикувани тие да коментираат, ама обврска на власта е целото тоа да биде транспарентно направено.
Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ.

Потпишување на протоколи за унапредување на економските односи и трговската соработка меѓу Македонија и Народна Република Кина на 29 март 2012 година.

Претседателот Ѓорге Иванов, по средбите со претставници од кинескиот државен врв, изјави дека кинеско-македонската соработка денес е на највисоко ниво како на политички, така и на економски план, со тренд на зацврстување и интензивирање. Шефот на државата се сретнал со претставници на неколку компании кои најавиле инвестиции во патната инфраструктура и енергетскиот сектор. Сепак, останува нејасно под кои услови и колку точно кинески пари ќе се потрошат во Македонија.
Потребни се нови анализи, затоа што се работи за нова власт, нов претседател, нов премиер, комплетна промена на раководството во Кина и се надевам дека во иднина ќе има интерес за инвестирање од страна на кинески компании.
Никола Груевски, премиер.

Потпретседателот на опозицискиот СДСМ Ванчо Узунов вели дека на овие прашања треба да одговори власта, од каде се очекува и детално објаснување на ефектите од ловот по инвеститори.

„Другите чинители во општеството едноставно немаат податоци, така што не може да бидат повикувани тие да коментираат, ама обврска на власта е целото тоа да биде транспарентно направено, за да може да биде на увид ставено на јавноста дека се планира таква и таква инвестициона изградба, таков автопат или некој друг капитален објект за којшто треба задолжување што ќе треба да се враќа во иднина и владата да ја каже економската оправданост на тоа задолжување пред граѓаните“, вели тој.

Деталите не се познати и не може со сигурност да се донесе заклучок, вели Узунов.

Најавите за кинески инвестиции не се нови. Премиерот Никола Груевски при посетата на земјата порано годинава зборуваше и за можноста за отворање на посебна индустриска зона за кинески инвеститори.

„Тука сè уште постои интерес за тоа, се разбира, потребни се нови анализи, затоа што се работи за нова власт, нов претседател, нов премиер, комплетна промена на раководството во Кина и се надевам дека во иднина ќе има интерес за инвестирање од страна на кинески компании во Република Македонија“, рече тогаш Груевски.

Академската јавност и опозицијата ги немаат сите податоци врз основа на кои може да се пресмета исплатливоста на потенцијалните инвестиции, а тоа не е едноставна калкулација, вели Узунов.

„Кога веќе се прави некој автопат или некој голем капитален објект, убедувањата од типот „патот е потребен, ќе раздвижи, ќе живне крајот“, тоа се смешни, да не речам од пред еден век објаснувања. За тоа постои многу јасна калкулација и методологија на пресметување на исплатливост којашто треба да биде направена и обелоденета, и тоа е задача на владата“, вели Узунов.

Според информациите во македонските медиуми, неколку кинески фирми пројавиле интерес за инвестирање во Македонија. Дел наводно ги меркаат слободните зони за отворање на фабрики за пумпи и автоделови, додека други чекаат македонското собрание да одобри договор за изградба на делниците на автопатот Велес-Штип и Кичево–Охрид. Единствено за овој зафат е позната вредноста на договорот. Се најавува трошење на 730 милиони долари.