Турција го преиспитува членството во ЕУ

Турција со години се обидува да и се приклучи на Европската унија, претставувајќи се како растечка економска и политичка сила и како мост кон азиските пазари. Но, следната земја која ќе им се придружи на 28 сегашни членки на Унијата најверојатно ќе биде една од шестте помали балкански земји. Пет од нив беа дел од поранешна Југославија кога Турција го направи нејзиниот прв обид да стане членка на Европската унија.
Неколку моќни земји на Европската унија се колебаат да ги отворат вратите за оваа главно муслиманска држава иако е членка на НАТО, страхувајќи дека таквата интеграција ќе им донесе големи проблеми.

Имено, се покажало дека помалите земји полесно го минуваат тој процес. И додека Европската унија го фокусира нејзиното внимание насекаде, турската влада и јавност стануваат се помалодушни и почнуваат да се прашуваат дали Европа навистина им треба.

„Верувам дека никој не сака да каже дека ние нема да го продолжиме нашиот асоцијативен процес, ни Брисел ни Анкара“, вели турскиот амбасадор во Европската унија Селим Јенел, додавајќи:

„Но еден ден ние ќе треба да решиме што да правиме, бидејќи вака веќе не оди никаде“.

Приклучувањето во Унијата може да донесе погодности, како лесен пристап до најголемиот пазар во светот, слободно движење на трудот, финасирање на посиромашните региони и релативно стабилна политичка унија.
Во оваа долга трка мислам дека Турција ќе заврши како Норвешка. Ќе имаме европски стандарди, ќе имаме блиски односи, но нема да бидеме членка.
Егемен Баџис, преговарач на Турција со ЕУ

Во наредната декада Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Косово би можело да ги следат Словенија и Хрватска кои се веќе членки на Унијата.

Во меѓувреме, турското членство е виртуално замрзнато веќе три години поради противењето на Германија, Франција и Австрија. Поддршката за членство во Унијата меѓу турците, според германската Маршалова фондација, падна на 44 насто од 73 проценти колку што беше во 2003 година.

Според некои наводи, лидерите на ЕУ не биле фокусирани врз Турција која би станала најнаселена членка на Унијата, бидејќи со тоа ќе има најмногу места во Европскиот парламент, што ќе и даде големо влијание врз европските институции.

„Западен Балкан е многу блиску до Европа. Но, со Турција случајот е многу поразличен, од географски, но и од верски аспект“, вели неименуван претставник на Унијата за агенцијата Ројтерс.

Сепак, Турција се уште се обидува да го придобие Брисел. Последниот пакет реформи, со кој се дозволува школување и на друг јазик освен турскиот, беше поздравен од Европската комисија.

Има членки како Британија, кои силно го поддржуваат членството на Турција со оценка дека Унијата ќе добие моќен играч на Блискиот Исток.

Турција стана кандидат за членство во 60 години од минатиот век, но преговорите ги почна во 2005 година и тие запнаа, главно поради спорот со поделениот Кипар кој влезе во Унијата.

Во Анкара веќе почнаа да размислуваат за односите со Европската унија и доколку Турција не стане дел од неа. Турскиот преговарач со Унијата Егемен Баџис е уверен дека и во таков случај двете страни ќе продолжат да соработуваат.

„Во оваа долга трка мислам дека Турција ќе заврши како Норвешка. Ќе имаме европски стандарди, ќе имаме блиски односи, но нема да бидеме членка“, вели тој.