Првата група од 20 инспектори за хемиско оружје денеска треба да пристигне во Дамаск. Советот за безбедност и нареди на Организацијата за забрана на хемиското оружје да и помогне на Сирија да го уништи хемиското оружје до средината на 2014 година. Тимот инспектори се надева дека ќе изготви сеопфатен извештај за Сирија до крајот на октомври. Сирискиот претседател Башар Асад вети дека неговата влада ќе се придржува на резолуцијата на ОН за уништување на хемиското оружје. Сирија призна дека има хемиско оружје по нападот со отровниот гас сарин врз предградијата на Дамаск во кои загинаа стотици цивили. Вашингтон за нападот го обвини режимот на Асад и се закани со воена акција во знак на одмазда. Во меѓувреме, повеќе од 40 бунтовнички бригади околу Дамаск соопштија дека ќе се обединат во нова група наречена Џаиш ал Ислам.