„Танц (и) театар“, прв весник за танцот

Промоција на весникот за култура „ТАНЦ (И) ТЕАТАР“.

Со идеја современиот танц да го приближи до македонската публика и наедно да ги презентира активностите на Скопје танцов театар, културниот центар „Интерарт“, на почетокот од новата сезона 2013/2014 го промовира првиот број на „Танц (и) театар“. Весникот, прв од овој вид кај нас, е планирано да излегува на секој два месеца и да биде достапен за посетителите на културните случувања во земјава.
Многупати добивам прашања од типот „Дали навистина постои независна или современа танцова сцена во Македонија?“ Па, еве сме, тука сме, им велам...Но веројатно, треба да ја примениме старата кинеска поговорка, која овој пат ја земав, како појдовна точка за мојот воведник – Кажи ми нешто, ќе го заборавам...покажи ми нешто, ќе го запаметам...инволвирај ме во нештото, ќе го разберам! Затоа, ве покануваме да станете дел од Светот на танцот кој е до Вас, кој секојдневно се случува околу Вас, кој ги инволвира младите и им дава перспектива...Бидете дел од она што ние го живееме, почувствувајте го ритамот на танцот, ќе ве понесе и Вас...
Планираме „Танц (и) театар“ да излегува шест пати годишно. Ќе има различни содржини и сè она што мислиме дека е најинтересно од нашите активности како и од активностите што се случуваат на светско ниво и сето тоа со единствена цел да го приближиме современиот танц до македонската публика и да информираме за она што значи постоење на овие млади танчери.
Рисима Рисимкин, кореограф.

Ова ќе го запише Рисима Рисимкин во својот уреднички текст за првиот број на „Танц (и) театар“, магазинот што е планирано како издание на „Интерарт“ да излегува на секои два месеци и бесплатно да им се дели на љубителите на танцот и почитувачите на културата воопшто.

„Планираме „Танц (и) театар“да излегува шест пати годишно. Ќе има различни содржини и сè она што мислиме дека е најинтересно од нашите активности како и од активностите што се случуваат на светско ниво и сето тоа со единствена цел да го приближиме современиот танц до македонската публика и да информираме за она што значи
постоење на овие млади танчери“, потенцира Рисимкин.

Промоцијата на културниот информатор симболично се случи на денот кога Париската опера на интернет ги пушти во продажба билетите за обновата на „Заспаната убавица“, балетот на славниот Рудолф Нурееф од пред многу години и во пресрет на претставаа „Хот“, која Скопје танцов театар ќе ја одигра на сцената „Зебра“ во рамките на годинешното издание на Младиот отворен театар.

Во овој септемвриско, октомвриски број на „Танц (и) театар“ поместени се портретот на Марко Мицов, млад балетски играч од Македонија, кој од 2011 година живее и работи во САД, импресиите на Адријана Данчевска и Валентино Апостоловски за нивниот престој во една од најпрестижните европски танцови компании „Скапино балет“ од Ротердам – Холандија, рубриката „Мој агол“ и е отстапена на Матеја Киселичка, дипломка на првата генерација студенти на Скопје танцова академија, а тука се и информациите за најзначајните настани од новите сезони во Њујоркс сити балеј, Нидерланд денс тиатар, Берлинскиот балет и други.

Разбирливо подетално е најавена и новата сезона 2013/2014 на Скопје танцов театар, па така по работилницата за танчери и актери „Јас...тело...простор...пад“, која е планирана да се одржи од 24 до 26 септември, следува снимањето на серијалот видео спотови на локации во Скопје насловен како „ Вкусот на танцот“, за да од 7 до 9 октомври со неколку проекти биде реализирано претставувањето на театарот во Битола. Во втората половина на идниот месец, Рисимкин како член на управниот одбор на ЦИД УНЕСКО патува во Њујорк, Киселичка во Хаг на работилница во познатиот Екс-нанс центар за современ танц, а Данчевска и Игор Киров, ќе настапат на фестивалот „Масданза“ на Канарските острови.

„Во декември ќе имаме една претстава која што ќе значи одбележување на 20 годишнината од дипломатските односи помеѓу кралството Холандија и Република Македонија, тоа е заеднички програм на кореографите од обете земји, и она што е важно е дека ние, како Скопје танцов театар, ќе презентираме една кореографија на Игор Стравински - „Посветување на пролетта“, значи дел од претставата негова, со цел да бидеме едни од тие кои на светско ниво ја одбележуваат 100-годишнината од првиот балет кој што со своето појавување направи огромен скандал 1913 година во Париз“, потенцира кореографката.