Паркот уништен - граѓаните протестираат

Дрвјата ги исекоа ноќно време. На тоа место, велат, ќе никне нова барокна зграда. Граѓаните на Центар протестираат. Партиите реагираат, а од ВМРО ДПМНЕ велат: ниедна влада како нашата не направила толку многу за заштита на животната средина
Пред хотел „Бристол“ вечерва се одржа протест како реакција на одлуката на властите да го уништат паркот на оваа локација и покрај противењата на граѓаните. Иако е паркот уништен, граѓаните преку неколку граѓански ги повикуваат сите оние кои не се согласуваат со уништувањето на зелените површини на сметка на барокни објекти.
Таму сè уште се наоѓаат активистите на организацијата „Одраз“ и на „Плоштад Слобода“ кои преноќуваа на локацијата во неуспешниот обид да го заштитат паркот.
Инаку синоќа со полициско обезбедување околу 3:30 часот по полноќ, граѓаните кои кампуваа во паркчето пред хотелот „Бристол“, биле отстренети со цел да се обезбеди непречено сечење на неколкуте стари стебла и чистење на местото на кое се планира изградба на зграда на Советот за радиодифузија.
На местото пред пред повеќе од еден месец се одржа и протест на активисти на неколку граѓански здруженија кои се обидоа да го заштитат паркот од сечењето.

Реакција на општинските власти::
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и претседателот на Советот, Мирослав Шиповиќ, закажаа вонредна седница на Советот на општината в среда поради сечењето на дрвата пред Бристол ноќеска во 3:30 по полноќ, соопшти општинската служба за односи со јавност.
Седницата, наместо во просториите на општината, ќе се одржи пред Бристол.
„Градоначалникот на Центар Жерновски ги повикува советниците од ВМРО-ДПМНЕ, денеска да се изјаснат дали се со граѓаните и ја почитуваат нивната волја или повторно ќе застанат зад желбите и волјата на премиерот. Го повикува и премиерот Никола Груевски да излезе денеска на самото место на злосторството, за да не каже после дека не видел и дека жали за тоа. Општина Центар и градоначалникот Андреј Жерновски најостро го осудуваат вандалскиот и кукавички чин. Специјалци и полиција го обезбедуваа местото додека моторните пили безмилосно го уништуваа едно од последните зелени катчиња“, се наведува во соопштението.
од таму потсетуваат дека одлуката за „убивање“ на паркот, претходното општинско раководство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ и Владимир Тодоровиќ, ја донесе исто во раните утрински часови, плашејќи се „од волјата и од револтот на граѓаните“.
- Злоупотребувајќи ја моќта која ја имаат ни ги врзаа нам рацете, бидејќи овој објект е под целосни ингеренции на централната власт. Само за последните 10 години општинска власт, во Центарот на Скопје безмилосно уништи повеќе од 80 проценти од зеленилото. Наша обврска и заложба е да го зазалениме повторно Центар - порача градоначалнико Андреј Жерновски.
Реакции на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ:
„Ноќта, со истиот механизам како за пратениците и новинарите, беа со сила влечени граѓани кои во шок од тоа што се случува, слегоа од домовите да го бранат паркот. Груевски уште еднаш по кој знае кој пат ја погази јавно изразената волја на граѓаните на Центар кои на локалните избори јасно се искажаа против уништувањето на зеленилото заради бизнис интересите на власта“, се наведува во соопштението.
Во овие неколку години додека на чело на градот Скопје е Коце Трајановски, засадени се околу 50 илјади дрва, само во град Скопје, велат во реакцијата ВМРО-ДПМНЕ.
„Ниту во Скопје ниту во Македонија било која друга Влада претходно не направила толку многу за одржување и подобрување на животната средина. Набавени се нови градски автобуси со високи еколошки стандарди, булеварите и улиците се градат и прошируваат како никогаш досега, со што се зголемува и подобрува проточноста на сообраќајот и се намалува загадувањето“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.