Кежаровски без причина сè уште во притвор

Новинарите на протест пред судот во Скопје побараа ослободување од притвор на нивниот колега Томислав Кежаровски од Нова Македонија. 31 мај 2013.

Истекуваат и вторите 30 дена од притворот на новинарот Томислав Кежаровски. Обвинителството треба да се произнесе за барањето новинарот да се брани од слобода. Познавачите велат дека веќе не постои основ Кежаровски да се држи во притвор.
До крајот на неделава се очекува обвинителството да се произнесе за барањето новинарот Томислав Кежаровски да се брани од слобода, при што му истекуваат и вторите 30 дена од притворот, велат од иницијативниот одбор. Тој е притворен под обвиненија за објавување на име на заштитен сведок во 2008 година. Кежаровски притоа почна штрајк со глад, а неговата сопруга Марина на социјалните мрежи најави дека ќе се солидаризира со неговата одлука.
Јас не сум правник за да кажам дали постои основ за Кежаровски да биде пуштен од притвор. Но логиката мене ми вели дека нема, при што нема логика ни првично тој да се приведе и два месеца да се чека и да се чува во притвор за текст објавен пред пет години.
Жанета Трајкоска, Иницијативен одбор за ослободување на Кежаровски.

Жанета Трајкоска од иницијативниот одбор вели дека тие само бараат на Кежаровски да му се овозможи основното право да може да ја докаже својата невиност бранејќи се од слобода.

„Истрагата е завршена. Даден е неговиот имот како гаранција да се брани од слобода. Јас не сум правник за да кажам дали постои основ за Кежаровски да биде пуштен од притвор. Но логиката мене ми вели дека нема, при што нема логика ни првично тој да се приведе и два месеца да се чека и да се чува во притвор за текст објавен пред пет години. Тоа покажува дека логиката не може да функционира во ваков случај.“

Новинарите на протест пред судот во Скопје побараа ослободување од притвор на нивниот колега Томислав Кежаровски од Нова Македонија. 31 мај 2013.


Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца Николовска вели дека веќе не постои основ Кежаровски да се држи во притвор.

„Од причини што бегањето може да се регулира на друг начин, евентуално ако има мислење дека тоа би било основ, а и сведоците се распрашани и доказите се собрани.“
Треба ли да се заплаши или да се покаже дека некое дело што е направено во 2008 година и за кое не е навремено реагирано, сега треба да се реагира.
Маргарита Цаца Николовска, поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права.

Според Николовска прашање е зошто воопшто Кежаровски е во притвор за такво дело, бидејќи има и други мерки, што создава сомнеж за независноста и пристрасноста на судот.

„Секогаш се заборава дека притворот е крајна мерка, затоа законодавецот и сите меѓународни стандарди се на таа линија. Ако може да се остварат целите преку други мерки, како што е на пример куќен притвор зошто да се инсистира некој да се стави во притвор. Треба ли да се заплаши или да се покаже дека некое дело што е направено во 2008 година и за кое не е навремено реагирано, сега треба да се реагира.“

Според експертите случаите како Кежаровски покажуваат дека не се следи праксата на Европскиот суд за човекови права и не се почитуваат неговите одредби. Во меѓувреме поддршка за Кежаровски пристигна од меѓународните и регионалните медиумски здруженија.