Нема резултати од владината „конструктивност“ за името

Премиерот Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Владејачката гарнитура декларативно се заложува за решавањето на проблемот со името и евроинтеграциите, но и недостасува капацитет за решение, коментираат дел од аналитичарите.
Во изјавите на Владата дека е конструктивната страна во грчко-македонскиот спор за името и и дека евроинтеграциите се еден од нејзините приоритети, дел од аналитичарите препознаваат само декларативни заложби кои владејачката гарнитура нема капацитет да ги оствари. Македонската Влада не прави доволно за да стави крај на ова прашање, вели професорот Здравко Савески.
Не прави доволно. Она што постојано ја влошува ситуацијата се моментите на национализам со кои се спречуваат шансите за отстапка од страна на Грција.
Здравко Савески, универзитетски професор.

„Не прави доволно. Она што постојано ја влошува ситуацијата се моментите на национализам со кои се спречуваат шансите за отстапка од страна на Грција.“

Јасно е дека актуелната Влада нема ниту храброст, а ни намера да го реши спорот со името, се согласува професор Арсим Синани. Од друга страна пак лидерот на ДУИ, Али Ахмети се однесува како министер за надворешни работи и влегува во силна дипломатска офанзива за решавање на ова прашање.
Има два концепти. Концептот на Груевски којшто нема храброст на македонската јавност да и каже – Ние треба да го решиме името, ако сакаме да влеземе во ЕУ и НАТО. И од друга страна го имаме Ахмети кој е спремен да го реши проблемот со името, но не може без македонскиот партнер.
Арсим Синани, универзитетски професор.

„Има два концепти. Концептот на Груевски којшто нема храброст на македонската јавност да и каже – Ние треба да го решиме името, ако сакаме да влеземе во ЕУ и НАТО. И од друга страна го имаме Ахмети кој е спремен да го реши проблемот со името, но не може без македонскиот партнер.“

Тоа што во јавноста се создава впечаток дека едниот коалиционен партнер во Владата покажува поголема волја за решавање на ова прашање, не мора да значи дека тоа е навистина така. Тоа, вели Савески, може да биде дел од заедничката стратегија.

„Тоа што Али Ахмети беше во странство и разговараше, тоа нужно не мора да биде погрешна стратегија, може да биде добар пи-ар, ако беше добро координиран со другиот владин партнер ВМРО-ДПМНЕ.“

Но, Синани е убеден дека граѓаните можат да проценат дали изјавите на релевантните политички субјекти се искрени и оти тие сакаат конкретни решенија, а не празни ветувања.

„Тоа што притискаат со одиме на избори, не одиме на избори, еве шест години ние се учиме со оваа тактика на Груевски и на Ахмети. Но граѓаните сакаат решавање на проблемите, оваа влада не знам колку е спремна да ги реши.“

Она што според Савески и Синани недостига се повеќе информации во јавноста за самиот преговарачки процес. Постојат индикации дека работите се поместуваат од „мртва точка“, но во недостиг на детали, просторот за шпекулации и претпоставки се зголемува, велат нашите соговорници.