Човечки обрач околу ГТЦ за „спас од барок“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Со заедничка прегратка вечерва граѓаните рекоа НЕ на идејата за нова барокна фасада и преуредување на Градскиот трговски центар. Повеќе од 1000 луѓе, на повик на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, го искажаа својот став дека го сакат ГТЦ, таков каков што е. На човечкиот обрач околу трговскиот му претходеа говори од архитекти и историчари на уметноста за значењето на овој објект. Архитектите сметаат дека менувањето на ликот на Градскиот трговски центар е уништување на уметничко дело. Цел ден денеска се собираат потписи против, како што велат организаторите, бруталната интервенција врз објектот. Досега се собрани повеќе од 4.200 потписи, а Асоцијацијата на архитекти најави дека собирањето на потписи ќе продолжи. На луѓето што денеска протестираа против најавените промени на ГТЦ им се придружи и градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски.