Ситуацијата во Турција денеска помирна

Во делови од Истанбул и Анкара демонстрантите утрово палеа огнови и имаа помали судири со полицијата, но на улиците генерално е мирно по дводневните насилства во кои повеќе од илјада луѓе се повредени и повеќе од 900 приведени по интервенција на полицијата.

Илјадници луѓе славеа во Истанбул откако полицијата се повлече од плоштадот Таксим каде демонстранти протестираат незадоволни од плановите на Владата да ги исече дрвјата во паркот Гези и да изгради трговски центар.

Западни медиуми јавуваат дека ситуацијата е значително помирна во споредба со претходните два дена.

Властите соопштија дека се приведени 939 демонстранти во повеќе од 90 одвоени демонстрации ширум државата, додека лекари зборуваат за цифра од околу илјада повредени во Истанбул и неколку стотици во Анкара.

Немирите во Турција почнаа по повеќедневни протести поради планови за преуредување на плоштадот Таксим во Истанбул, но по обидот на полицијата во петокот да ги растера демонстрантите со водени топови и солзавец тие прераснаа во антивладини протести и се проширија и во други градови.