Се тенчи составот за самитот во Охрид

Илустрација

Албанскиот претседател Бујар Нишани одбил да учествува на Самитот на шефови на држави од југоисточна Европа во Охрид во знак на протест поради тоа што косовската претседателка не беше поканета.
Последната вест дека албанскиот претседател Бујар Нишани одбил да учествува на Самитот на шефови на држави од југоисточна Европа во Охрид, само го потврдува фактот дека Македонија го избра најгрешното решение кога одлучи да не прати покана за учество на Косово, анализира Ризван Сулејмани од Институтот за социолошки и политички истражувања. Во време кога во Брисел секојдневно се ракуваат српскиот и косовскиот премиер, Македонија одлучи да заземе страна, што е многу опасно, вели Сулејмани.
Сега последиците ги гледате. Откажува и Албанија, најголемиот економски партнер Албанија, плус што има 30 или никој не знае колку проценти Албанци во Македонија коишто тоа нема да го доживеат најдобро, уште повеќе ќе создаде некој страв и несигурност дека еве Македонија се врти кон некои стари проекти, така што тоа апсолутно не е добра политика.
Ризван Сулејмани, политички аналитичар.

„Сега последиците ги гледате. Откажува и Албанија, најголемиот економски партнер Албанија, плус што има 30 или никој не знае колку проценти Албанци во Македонија коишто тоа нема да го доживеат најдобро, уште повеќе ќе создаде некој страв и несигурност дека еве Македонија се врти кон некои стари проекти, така што тоа апсолутно не е добра политика“, вели Сулејмани.

Албанскиот претседател Бујар Нишани.


Спротивно на ваквите тврдења, поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека Македонија сака да ги развива добрососедските односи со сите земји од регионот. Се работи за продолжување на воспоставената практика, според која Македонија не може без согласност од другите да поканува, вели Никовски.
Ние сакаме да го развиваме односите и со Косово, и со Албанија, и со Србија и со сите, меѓутоа Македонија не е таа која треба тука да внесува некои револуционерни промени и да постапува по некои свои проценки. Според дадената ситуација, Македонија апсолутно исправно постапи.
Ристо Никовски, поранешен дипломат.

„Ние сакаме да го развиваме односите и со Косово, и со Албанија, и со Србија и со сите, меѓутоа Македонија не е таа која треба тука да внесува некои револуционерни промени и да постапува по некои свои проценки. Според дадената ситуација, Македонија апсолутно исправно постапи.“

Но Сулејмани останува на ставот дека оваа одлука на Македонија е пристрасна и погрешна. Ова не зборува добро за надворешната политика која земјава ја води според анкети на јавното мислење, посочува тој.

„Надворешната политиката мисли на долгорочни стратешки определби, а не ад-хок, моментални.“

Според Никовски, пак, државната политика на земјава се води во согласност со меѓународните норми и принципи на однесување. Тој не очекува дека неучеството на Косово и Албанија на еден ваков настан кој е значаен за регионалната соработка ќе има сериозни последици за Македонија.

„Дека Албанија и Косово се чувствуваат на некој начин со тоа погодени е факт кој може да се рефлектира на некоја минимална ситуација, посета, откажување итн. Поголема, посериозна последица не може да има или некој пресврт во политиката и односите кои ги имаме со соседните земји.“

Инаку во образложението од кабинетот на албанскиот претседател пишува дека причина за одлуката на Бујар Нишани да не дојде во Скопје е фактот што што претседателката на Косово Атифете Јахјага не е поканета да учествува на Самитот.

„Оставањето на Косово надвор од Самитот е резултат на притисокот од страна на Србија, што е во спротивност со потпишаните договори меѓу Косово и Србијa и поконкретно се крши член 14 од договорот Тачи-Дачиќ, потпишан во Брисел на 19 април 2013“, стои во соопштението од кабинетот на албанскиот претседател.

Претседателката на албанскиот Парламент Јозефина Топали не учествуваше на Десетата конференција на претседателите на парламентите на ПСЈИЕ што деновиве се одржа во Охрид, а и шефот на дипломатијата Алдо Бумчи најави дека нема да учествува на претстојниот Формален состанок на министрите за надворешни работи на земјите учеснички во ПСЈИЕ.