САД и Русија се договорија за Сирија

Американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Соединетите Држави и Русија најавија дека ќе ги охрабрат бунтовниците и режимот во Сирија да одржат разговори за политичка транзиција за крај на двегодишниот крвав конфликт во кој загинаа околу 70 илјади луѓе. Ова го соопштија американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на заедничката прес-конференција во Москва.
Џон Кери беше во прва посета на Русија откако стапи на функцијата американски државен секретар и пред средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров разговараше со претседателот Владимир Путин. Едно од главните прашања беше решавањето на тешката ситуација во Сирија.

„Се согласивме во следното. Русија и Соединетите Држави ќе ги охрабрат и сиријската влада и опозиционите групи да најдат политичко решение. Исто така се согласивме колку што е можно побргу, дури и кон крајот на месецов, заедно да свикаме меѓународна конференција за Сирија како продолжение на онаа во Женева во јуни минатата година“, изјави шефот на руската дипломатија Лавров.

Со тогашниот договор во Женева беше планирано формирање привремена сиријска влада која ќе биде составена од двете завојувани страни. Но, тоа никогаш не беше спроведено.
Невозможно е за мене како поединец да сфатам како Сирија би можела во иднина да биде раководена од човекот кој извршил работи кои ви се познати. Но, за тоа нема да решавам јас, бидејќи планот од Женева предвидува транзиционата влада да биде избрана со консензус меѓу страните.
Џон Кери, државен секретар на САД.

Кери прецизира дека останува на самите Сиријци да решат дали претседателот Башар ал-Асад ќе биде дел од процесот.

„Невозможно е за мене како поединец да сфатам како Сирија би можела во иднина да биде раководена од човекот кој извршил работи кои ви се познати. Но, за тоа нема да решавам јас, бидејќи планот од Женева предвидува транзиционата влада да биде избрана со консензус меѓу страните.“

Кери сугерираше дека напредокот во постигнувањето политичко решение во Сирија би можело да има влијание и врз одлуката на Вашингтон дали да ги вооружува бунтовниците во таа земја.

„Ако овој вид на процес може да успешно да се одвива, да ги зближи страните и да го спроведат Женевското коминике, се надевам дека тавиот потег нема да биде потребен. Многу зависи од она што ќе се случува во наредните неколку недели.“

Лавров од своја страна повтори дека Вашингтон и Москва имаат заедничка задача да се борат против тероризмот.

„Сите проблеми и сите несогласувања беа ставени настрана и ги консолидиравме напорите во борбата против заедничкото зло. Тероризмот, екстремизмот и многуте други закани бараат обединување на напорите.“

Повеќе од една година американските напори да ја убедат Русија во врска со решавањето на ситуацијата во Сирија остануваа безуспешни, бидејќи Москва ги одбиваше сите предлози со оценката дека тие само го отвораат патот за странска интервенција во таа земја.

Освен Москва, и Пекинг му е силен сојузник на сиријскиот претседател Башар ал-Асад, блокирајќи ги санкциите на Обединетите нации против неговиот режим.