Жерновски - Почнаа понудите од „градежната мафија“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Интервју со Андреј Жерновски

Воопшто не ме интересираат понудите на оние што градат коишто стигаат до мене во однос на тоа да замолчам или да не гледам што се случува итн. Јас не сум избран, а добив сериозна поддршка од жителите на Центар, за да ја поддржувам градежната, урбана мафија, туку реков и сега ќе потенцирам дека урбаната мафија ќе мора да си најде друга општина, нема што да бара во Општина Центар, вели новиот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Господине Жерновски, најавивте ревизија на Скопје 2014. До какви сознанија дојдовте по мораториумот за градење?

Допрва треба да формирам можеби комисија внатре, која што ќе ги согледа податоците и потоа да се отвори еден тендер за да видиме која куќа, потенцирав неколку пати, тоа да биде релевантна ревизорска куќа која што ќе ги испита моментите околу Скопје 2014 и конечно да дознаеме која е таа сума. Мене ми е сосема јасно, како и на целата македонска јавност, дека отчетот што го даде власта во врска со Скопје 2014 се должи на победата на опозицијата во Центар. Бидејќи од 2008 година ги бараме податоците, имаше молк тотален и одеднаш одлучија да проговорат за тоа колку чини Скопје 2014. Интересно беше што тезата на министерката за култура беше дека проектот, според нив, чини околу 300 милиони евра и тие велат ете не чини колку што вели опозицијата 500 милиони евра. Но не кажува дека ете не чини онолку колку што рече премиерот. Премиерот рече дека проектот ќе чини 80 милиони евра. Значи во старт гледаме каде е вистината, но не јас, туку ревизијата ќе каже каква е вистината за Скопје 2014, каде се потрошија парите и на кој начин се потрошија парите на граѓаните на Центар, на граѓаните на Скопје и на граѓаните на Македонија.

Што ќе се случи со спомениците од Скопје 2014 по мораториумот?

Добро е што мојот противкандидат Владимир Тодоровиќ излезе конечно во јавноста, го немаше два изборни круга, се појави сега, и тој самиот потврдува дека општина Центар има право да спречи она што е останато од Скопје 2014 односно има ингеренции, тоа е најважно. Не сум наивен, знам дека не случајно се оставени спомениците на хероите или оние кои се важни за албанската заедница, меѓутоа нема да наседнам на таква провокација, сосем е јасно зошто тоа е направено. Онаму каде што има ингеренции Општина Центар, таму нема да дозволам самоволие на централната власт и тоа не важи само за Скопје 2014. Општина Центар нема да биде подрачна единица или филијала на централната власт и не на оваа власт, туку на која било власт, така што за Скопје 2014 се замрзнати сите активности, што ќе се одвива и како понатаму ќе видиме, меѓутоа не мислам се разбира и понатаму да го продолжам овој проект на Владата.

Што ќе правите, ги споменавте спомениците на албанските херои, што ќе се случи со нив, постаментите за нив се веќе поставени?

Ќе видиме до каде е состојбата, не сакам да шпекулирам, не ги гледам спомениците дали се на македонски личности од историјата, или се албански, турски, ромски и така натаму. Мене ме интересира постапката, мене ме интересира зошто се прави тоа, на кој начин е тоа направено, ме интересира дали тоа чини толку колку што чини. Многу интересен момент е тоа што не јас, туку самите автори кажуваат дека воопшто не се исплатени оние суми кои што беа наведени на фамозната прес-конференција на министерката за култура и на претходниот градоначалник на општина Центар, господинот Тодоровиќ. Очигледно дека самите автори, и тоа оние со кои власта самата се фалеше, кажуваат дека воопшто не е точно дека добиле толкава сума. Се поставува прашањето каде одат парите? Ние кога би имале обвинителство во оваа држава кое што функционира, веднаш би морало да се отвори предмет. Така што јас само ќе ги изнесам податоците, јас не сум, ниту јас, ниту општината Центар сме институција која што ќе санкционира извесен криминал ако го има, си има институции во државата кои што служат за тоа.

Според податоците кои што ги соопшти на таа прес-конференција вашиот претходник, општината е должна уште 9 милиони евра за спомен обележја, меѓу кои 5 милиони се за плоштадите Карпошово Востание и Пресвета Богородица. Што ќе правите, дали ќе ги исплатите тие пари?

Значи тоа што општината ги презела како долгови јас сум свесен дека треба да се реализираат. Тезата дека Андреј ќе руши е политичка теза на власта која што ја форсира се разбира во медиумот кој што е апсолутно провладин, под контрола на ВМРО ДПМНЕ, така што воопшто не мислам да одговорам на тие провокации или на тезата дека јас сакам да спречам изградба и развој на општината. Општината ќе продолжи да си функционира, јас моите проекти морам и сакам да ги реализирам и воопшто Скопје 2014 нема да ни застане на патот на таа заложба.

Тоа значи дека ако мора да ги платите долговите, ќе ги платите за да се довршат, доколку е сè според законот?

Не сакам да ги оптоварувам граѓаните на Центар со дополнителни трошоци, тоа што е преземено е преземено и апсолутно сум свесен за тоа, меѓутоа зборувам дека нема да има нови споменици, нови објекти. Може Министерство за култура, како што слушам, ќе се обиде насила да направи нешто. Но мора да сфати централната власт, оваа па и следната, дека не може да прави во Општина Центар на пример нешто што наумиле без да ја консултира општината или што е најважно без да ги консултира граѓаните.

Во делот од медиумите беше објавена информација дека дел од градежните компании најавиле тужба. Дали сте подготвени да платите пенали доколку одлучите да раскинете некој договор затоа што би сметале дека е штетен?

Мене ми е сосема јасно кој ги поттикнува тие градежници, не видов кои се тие градежници, која е таа некоја си структура на бранители. Очекувано е тоа, и напротив, нивната цела стратегија јасно ми укажува од каде стравот. Јас немам намера да го товарам буџетот на општината кој што инаку е испразнет со дополнителни пенали и така натаму. Но ако оценам, односно ако оцениме заедно дека еден објект е штетен, тогаш ако треба и тоа ќе го направам, наспроти тоа да никне некој објект, некоја зграда која што апсолутно е на штета на граѓаните кои што живеат во општината.

Општина Центар во однос на другите општини во Македонија има потрошено најмногу пари на фонтани, можела ли општината да си го дозволи тоа без притоа да има негативно влијание врз другите прашања кои граѓаните бараат да бидат решени?

Па на прес-конференцијата сфативме дека општина Центар наместо да ги работи проектите кои што се од најголема важност за граѓаните како улици, тротоари, осветлување, фекална и атмосферска канализација, всушност работела како испостава на владата и парите се трошеле за Скопје 2014. Мислам дека секој граѓанин, или најголем број на граѓани во Македонија јасно си ги поставуваат приоритетите, дали требаше да се трошат парите за споменици, за фасади, за скулптури или требаше да се трошат за санирање на состојбата во болниците, во училиштата, во студентските домови кои ни се катастрофални, енергетски објекти сè уште нема, да не зборувам за автопатиштата во Македонија. Ако се вратиме во општина Центар, многу подобро можат да се трошат средствата, меѓутоа тоа е така кога имаме локална власт која работи како слеп послушник на централната власт и затоа не случајно, иако општина Центар прва ги исполни условите да си го преземе управувањето со државното градежно земјиште, а тоа не е направено за да може централната власт да прави што сака без притоа да ја праша локалната власт. Мојот претходник сам се откажал од можноста да управува со градежното земјиште во општина Центар за да се разбира не и пречи на централната власт. Тоа ќе биде променето, јас веќе формирав тим кој што ќе ја почне постапката со преземање на градежното земјиште и општина Центар да си биде сопственик логички на своето земјиште.

Очекувате ли дека владата ќе и ја даде надлежноста за управување со тоа земјиште на општината?

Па нема да има избор затоа што критериумите се исполнети и тие може да блокираат некои процеси, но тоа ќе биде јасно кажано и колку и да сакаат да блокираат нема да имаат проблем со, не знам зашто политиката кон Центар ја персонифицираат кон мене. Мислам дека требаше досега да сфатат во текот на кампањата, особено во текот на гласањето дека не сум јас тој што им се спротивставува, јас бев на крајот на краиштата всушност инструментот преку кој граѓаните го кажуваат својот став, така што инаетењето кон Центар не е инаетење кон мене. Сечењето на дрвјата, масакрот на дрвјата, покажувањето дека сега ние сме силни, сега ќе го казниме Центар затоа што размислува поинаку не е казна за мене, казна е за сите што живееме таму. Да се вратам на вашето прашање. Ако гледав една низа на прес-конференции каде што беа објавени проекти каде што општина Центар ќе биде помогната, како од градот така и од Владата, се надевам дека нема да доживеам да ми биде објаснето дека тоа важи само ако градоначалникот е од ВМРО-ДПМНЕ. Сето тоа што тие го објавија како помош еве јас го прифаќам и ги поканувам да работиме заедно во општина Центар, се разбира во оние сегменти кои што се во интерес на граѓаните.

Побаравте и ревизија на деталните урбанистички планови да спроведе Советот. Зошто, во што конкретно се сомневате?

Катната гаража за која што зборувавме кај Ауто Македонија е токму ревизија и така единствено преку ревизија на деталниот урбанистички план може да се сопре. Првиот ден откако ја презедов функцијата се случи одрон комплетен на земјиштето на Водно. Јас во кампањата повеќе пати најавував дека Водно повеќе не може да ја издржи таа градежна узурпација и затоа најавив дека повеќе нема да дозволам проширување, маркици и ќе има корекција на висините ако зборуваме за Деталните урбанистички планови во оној дел што го покрива Водно. Воопшто не ме интересираат понудите на оние што градат коишто стигаат до мене во однос на тоа да замолчам или да не гледам што се случува итн. Јас не сум избран, а добив сериозна поддршка од жителите на Центар, за да ја поддржувам градежната, урбана мафија, туку реков и сега ќе потенцирам дека урбаната мафија ќе мора да си најде друга општина, нема што да бара во Општина Центар.

Какви понуди стигнуваат до вас?

Понуди да продолжам со тоа што е направено во Деталниот урбанистички план, понуди од типот да не преземам конкретни мерки за Деталните урбанистички планови на Водно итн., тоа нема да се случи.

Закани?

Не, не се закани, тоа се бизнис понуди.

Значи парични понуди, може да кажеме?

Не се директно до мене, туку до моите соработници и еве ја користам оваа прилика да им упатам порака дека немам намера да влегувам во никакви преговори за она што е јасно кажано. Јас сакам, на крајот на краиштата не само како градоначалник, туку и како жител на овој град и на оваа општина, да го спасам Водно. Не велам јас сега ќе го спасам, треба сите да го спасиме, меѓутоа сè што е во ингеренции на мојата функција тоа и ќе го направам, затоа што Водно е комплетно уништено. Со секое доаѓање на нов градоначалник на Општина Центар градежната линија оди сè погоре и погоре. Денеска кога ќе го погледнеме Водно не гледаме планина, гледаме објекти, станбени комплекси итн. Тоа ќе мора да прекине, тоа ќе мора да го сфатат луѓето што работат таму, бидејќи тука сакам да бидам и ќе бидам бескомпромисен.

Стравувате ли дека можеби со разгледувањето на Деталните урбанистички планови и подоцна со одлуките за стопирање на одредени објекти и дозволи можеби ќе се влее страв кај инвеститорите па да не сакаат повеќе да вложуваат во општината стравувајќи дека со промена на власта ќе дојде друг и ќе биде „сега може, сега не може“?

Сите се добродојдени да инвестираат во Општина Центар, јас ги поканувам да инвестираат во Општина Центар, но нема да инвестираат онаму каде што веќе не можеме да го оптоваруваме, на пример Водно. Значи ако некој сака да инвестира во објекти што се од општ интерес е повеќе од добродојден и ако треба ќе биде ослободен од комуналии, така што тезата на оваа власт дека поради тоа што ќе биде спречено понатамошното узурпирање на Водно ќе избрка некои инвеститори, тоа е една политичка теза од оние коишто сакаат да се продолжи со узурпирање на Водно. Тоа не е само порака од ВМРО-ДПМНЕ, тоа е порака и од урбаната мафија, меѓутоа апсолутно ништо нема да ја промени мојата одлука.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати во обвини дека немате надлежност за стопирање градби, особено на оние кои се на приватно земјиште, излегоа обвинувања од власта дека сте биле поврзани со градежната мафија. Како ги коментирате овие обвинувања?

Тие обвинувања коишто доживеаја врв меѓу првиот и вториот круг ги снема во третиот круг. Сметав дека ја научија лекцијата дека обвинувања без основа се контрапродуктивни, дека носат контра ефект, гледам дека сега продолжуваат. Јас кога навлегувам во некои набавки овде во Општина Центар почнувам да ги согледувам мотивите на некои уредници на некои телевизии зошто ме напаѓаат, кој работел во Општина Центар. Еве, сакам да им пратам порака дека ми е сосема јасна нивната реакција, меѓутоа тие напади само ми кажуваат дека сум на вистинскиот пат во однос на тоа што треба да се направи и дека ми е сосема јасно од каде е стравот. Не сакам кавга со централната власт, јас не сум избран да правам кавги со централната власт, јасно ми е дека соработката е повеќе од потребна, меѓутоа она што го ветив ќе го реализирам до крај.

На овие избори настапивте како дел од здружената опозициска коалиција и вашата коалиција освои само неколку градоначалнички места. Каде беа грешките, каква поука е извлечена од овие избори?

Прво имавме апсолутно недемократски избори, тоа не е констатација само на опозицијата. Центар можеби беше врв со оние вметнати гласачи итн., кога почнавме и пред изборите, особено меѓу изборните кругови, во Центар нели беа повеќе, да ги вадиме листите со гласачите од Пустец и не само од Пустец, напротив оние што беа вметнати како граѓани на Република Македонија беа речиси двојно повеќе отколку оние од Пустец, немаше никаква реакција од министерската за внатрешни работи. Тоа е прекршок за којшто се одговара. Се знае кој издава лични карти во Република Македонија. Немаше ни демант, имаше едно партиско соопштение, за жал преку МВР, коешто ме упатува на адреса на ДИК. Точно е дека ДИК го ажурира избирачкиот список, но лични карти издава власта. Што сакам да кажам? Се работеше за еден целокупен проект за тоа како на еден фалсификуван, незаконски начин да се добијат гласови. Имаше грешки на опозицијата, треба да се извлечат поуки, но на избори организирани на овој начин ние повеќе не смееме да помислиме доколку не се прочисти избирачкиот список. Еве како пример, зошто би оделе на избори ако повторно се носат автобуси од Пустец?

Се погласни во последно време се најавите за формирање нови опозициски партии. Како вие гледате на тоа, има ли шанса за стабилна трета опција?

Ако зборуваме за трета опција од аспект на граѓанска опција, не гледам такво нешто, ако зборуваме за трета опција од аспект на нова понуда во опозицијата, уште помалку гледам такво нешто, затоа што оние играчи на политичката сцена коишто се спомнуваат како евентуални фактори околу кои ќе се создаде некоја нова партија се веќе истурени играчи, и јавноста знае, на владејачката гарнитура и тоа е всушност еден проект на ВМРО-ДПМНЕ и не гледам нешто сериозно на тие обиди. Јасно ми е кога се создаваат, во кој момент и мислам дека опозицијата воопшто не треба да се занимава со тоа прашање, треба да си ги консолидира своите редови, тука се разбира во тоа консолидирање на редовите спаѓа и конгресот на СДСМ и да се спремиме заедно за следните предизвици што не чекаат.

Дали размислувате за иницијатива за збратимување со Пустец како општина?

Сакам да бидам многу прецизен дека во ниту еден момент, особено кога притисокот беше најголем и кога пред мои очи се одвиваше тоа гласање, во ниту еден момент не се налутив, ниту мојата критика беше упатена кон оние коишто беа донесени од Пустец. Напротив, знам дека за да ве натераат или поточно кажано да се натерате да изминете толкав пат за 50 евра, треба да имате голема мака. Оваа држава треба на тие наши граѓани, на Македонците, да им пристапи сосема поинаку, не да ги злоупотребува, не да ги користи за изборен фалсификат, туку напротив, треба да им пристапи сосема поинаку. Јас сум лут на власта што ги злоупотреби овие граѓани, меѓутоа да, имам намера да отидам во Пустец, да поразговарам со тие луѓе и максимална помош да им дадам колку што може, ако треба и Општина Центар, во насока на тоа да се почувствуваат дека имаат заштита од сопствената држава, а не да бидат изманипулирани од својата сопствена држава.