Националистички разрешувањата во струшките јавни претпријатија?

Струга.

Градоначалникот на Струга Зиадин Села го разреши Петко Кутановски од директорското место во Јавното претпријатие Комунално. Кутаноски вели дека Села спроведува националистичка политика, а градоначалникот негира. Од СДСМ велат дека не им се допаѓаат постапките на Села.
Новиот струшки градоначалник Зиадин Села само неколку дена откако седна во градоначалничката фотелја почна со кадровски промени во општината и во јавните претпријатија во градот. Први на удар се Петко Кутановски директор на Јавното претпријатие Комунално, инаку истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ и Зоран Гулицоски кој 14 години беше секретар во општината. Кутаноски смета дека разрешувањата биле направени по национална основа.
Мислам дека позадината на градоначалникот е типично националистичка со оглед на тоа дека јас бев еден од најистурените активисти на коалицијата „За Струга заедно“.
Петко Кутановски, директор на Јавното претпријатие Комунално.

„Мислам дека позадината на градоначалникот е типично националистичка со оглед на тоа дека јас бев еден од најистурените активисти на коалицијата „За Струга заедно“. Мислам дека и разрешувањето на секретарот и моето разрешување како единствени Македонци функционери во локалната самоуправа доволно зборува за националистичките побуди на Села и доволно зборува што ги очекува стружани особено Македонците во Струга со овој градоначалник“, вели Кутаноски.

Петко Кутановски, директор на струшкото јавно комунално претпријатие.


За сега нема реакции од ВМРО-ДПМНЕ во Струга, иако Кутаноски тврди дека за последните случувања била известена и централата во Скопје. Не сакаше да го коментира, како што рече, не реагирањето на струшките вмровци.

Се обидовме да добиеме одговор од пратеничката од Струга од ВМРО-ДПМНЕ, Лиљана Затуроска, но без успех.
Што се однесува до директорот на Комунално се работи за работи каде не се почитувале договорите со општината. Има и многу други работи со овој директор. На работниците не им се исплатени 9 плати.
Зиадин Села, градоначалник на Струга.

„Не сакам да го коментирам нивното нереагирање. Зборувајки за општинскиот комитет воопшто не сакам да коментирам. Би оставил тие да искоментираат зошто воопшто до сега не реагираа“, вели Кутаноски.

И додека од ВМРО ДПМНЕ молчат, реагираа од СДСМ. Претседателот на струшките Социјал-демократи и носител на заедничката советничка листа Ристе Ќушкоски, одлуката на Зиадин Села ја оценува како избрзана.

Зиадин Села, градоначалник на Струга.


„Мислам дека е избрзана. Ова не наговестува нешто добро во работењето на градоначалникот. Настапот во кампањата мислам дека му беше крајно националистичка за да ги добие албанските гласови, но во пракса се покажува она што му беше дел и од кампањата“, вели Ќушкоски
Градоначалникот Села вели дека не спроведува никакви националистички политики.

„Не, не Тоа се глупости. Зошто националистички политики? Мандатот на секретарот на општината престанува со престанување на мандатот на поранешниот градоначалник. Не се работи за никакво разрешување.Тој повеќе не е секретар на општината. Што се однесува до директорот на Комунално се работи за работи каде не се почитувале договорите со општината. Има и многу други работи со овој директор. На работниците не им се исплатени 9 плати“, вели Села.

Кутаноски тврди дека не остварил ниту една средба со новиот градоначалник и оти Села не побарал од него никаков увид во работењето на Комунално.