Славење на џезот како универзален јазик на слободата

Сетстат.

Концерт на „Иван Иванов квартет“ во Порта џез во Битола и „Сетстат“ со промоција на шестиот албум „Петит синематик“ во скопскиот клуб Менада се настаните со кои во Република Македонија по втор пат ќе биде одбележан 30 април - Меѓународниот ден на џезот. Домаќин на годинешната глобална прослава на која учество ќе земат голем број славни музичари како Џорџ Дјук, Ал Жир, Џон Меклафин, Милтон Нашименто, Џос Стоун, Есперанѕа Спелдинг и други е Истанбул, а пораката ќе ја прочита пијанистот Херби Хенкок, амбасадор на добра волја за дијалог меѓу културите на УНЕСКО.
Република Македонија е меѓу 150-те земји од светот во кои ќе биде одбележан 30 април – Меѓународниот ден на џезот. Овој ден ги сплотува нациите и општествата прославувајќи ја уметноста на џезот, потенцирајќи ја неговата важна улога во охрабрувањето на дијалогот помеѓу културите и цивилизациите и промовирајќи го човековото достоинство.
Овојпат имам двајца нови членови во квартетот – Алек Секуловски и Васил Хаџиманов. Станува збор за музичари со голема репутација во овој дел на светот и за комбинација која може да донесе навистина несекојдневна размена на идеи и енергии. За овој концерт пишувам нова музика и се надевам дека некои од композициите ќе ја имаат својата праизведба токму во клубот Порта џез.
Иван Иванов, саксофонист.

Од таму, нималку не чуди што зад глобалната акција со која се прославува џезот како универзален јазик на слободата, овојпат застанаа УНЕСКО, Интернационалниот институт за џез „Телониус Монк“ и Република Турција. Имено во Истанбул ќе се одржи големиот концерт на кој учество ќе земат ѕвезди како Ремзи Луис, Еди Палмиери, Хју Масакела, Кеико Матсуи, Маркус Милер и каде пораката ќе ја прочита славниот џез пијанист и амбасадор на добра волја за дијалог меѓу културите – Херби Хенкок.

Иван Иванов квартет.


Кај нас, пак, ова одбележување главно ќе се случи главно на две сцени. Клубот на УНЕСКО при Младинскиот културен центар од Битола во Порта џез го организира концертот на „Иван Иванов квартет“, а во Скопје е планирано „Сетстат“ да ја сторат концертната промоција на својот нов албум - „Петит синематик“.
Понудивме една музичка приказна составена од патувања во себе и во неколку различни градови, различни точки од светот. Според нашата замисла, како нешто се случуваше во Скопје, така и таму нешто се случува во тој момент – минат или иден момент. Идејата дека може сето тоа може да се комплетира на 30 април како Меѓународен ден на џезот дојде како многу добра и реална за реализација на нашиот шести албум.
Панче Бујуклиев, Сетстат.

Со еден албум зад себе објавен за продукцијата на „Скопје џез фестивал“ и со голем број настапи во регионов, Иван Иванов влегува во редот не само на најталентираните инструменталисти (саксофонисти) туку и во неколкуте македонски музичари кои смело чекорат во светот на современата импровизирана музика. Тој на претстојниот концерт ќе музицира придружуван од својот постојан соработник Кирил Туфекчиевски на контрабас, Александар Секуловски на тапани и Васил Хаџиманов на пијано.

„Овојпат имам двајца нови членови во квартетот – Алек Секуловски и Васил Хаџиманов. Станува збор за музичари со голема репутација во овој дел на светот и за комбинација која може да донесе навистина несекојдневна размена на идеи и енергии. За овој концерт пишувам нова музика и се надевам дека некои од композициите ќе ја имаат својата праизведба токму во клубот Порта џез“, истакнува Иванов, дополнувајќи дека верува оти наскоро со оваа постава би можел да го сними својот нов носач на звук и така да ја продолжи успешно започнатата дискографска приказна.

Од друга страна, култниот македонски џез-панк-фанк состав „Сетстат“ не случајно се реши концертната промоција на својот нов студиски албум „Петит синематик“ да ја стори длабоко во ноќта во која се прославува Меѓународниот ден на џезот. Во „Менада“, откако публиката ќе ги проследи проекциите на двата документарни џез филма и ќе ја почувствува атмосферата од Глобалниот концерт во Истанбул, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Панче Бујуклиев, Павел Дробицки, Дино Милосављевиќ и Гоце Наумов ќе го понудат во својата најенергична варијанта материјалот забележан на следбеникот на одличниот „Кораб“.

„На крајот на јануари и почеток на февруари, со Ален Хаџи Стефанов како снимател, се собравме на една седумдневна сесија во Џебното кино во МКЦ. Свиревме различни идеи целата таа недела, за да последните два дена ги искористиме за нивно документирање. Така излезе еден материјал кој за нас вредеше и потоа дојде идејата тоа да се објави пред сè како интернет издание со името „Петит синематик“. Понудивме една музичка приказна составена од патувања во себе и во неколку различни градови, различни точки од светот. Според нашата замисла, како нешто се случуваше во Скопје, така и таму нешто се случува во тој момент – минат или иден момент. Идејата дека може сето тоа може да се комплетира на 30 април како Меѓународен ден на џезот дојде како многу добра и реална за реализација на нашиот шести албум“, истакнува Бујуклиев.