Стејт департмент: македонската влада се меша во судството и медиумите

Американскиот Стејт департмент го објави Извештајот за човекови права за 2012 година. Во делот за Македонија, меѓу другото, се наведува дека најважни проблеми за човековите права се: неуспехот на владата целосно да го почитува владеењето на правото, нејзиното непочитување на парламентарните процедури, мешањето во судството и медиумите, селективното гонење на политичките противници на лидерите на земјата, како и значително ниво на корупција на власта и на полициска неказнивост. Загриженост за човековите права, според извештајот на Стејт департментот, претставуваа и тензиите меѓу македонската и албанската заедница, како и социјалната дискриминација против Ромите и другите етнички малцинства. Други проблеми со човековите права биле малтретирање на притвореници и затвореници од страна на полицијата и затворските чувари, семејно насилство врз жени и деца, детска проституција, дискриминација на жените и лицата со посебни потреби. Имаше општествени предрасуди против членовите на ЛГБТ заедница, кои беа предмет на малтретирање и навредлив јазик во медиумите. Владата, како што се додава во извештајот на Стејт департментот, често се меша во правото на работниците да штрајкуваат. Имаше и веродостојни тврдења дека во текот на годината имало злоупотреба на службената должност во принуда на службеници или партиски членови или во застрашување на клучни опозициски лидери.