Сиријскиот претседател Башар ал Асад го обвини Западот дека ја поддржува Ал Каеда во граѓанската војна во неговата земја. Во интервју за сиријската државна телевизија Асад упати критики и до соседниот Јордан поради тоа што им дозволил на илјадници вооружени луѓе да влезат во Сирија. „Исто како што Западот во почетокот ја финансираше Ал Каеда во Авганистан и подоцна плати висока цена за тоа, така денес ја поддржува во Сирија, Либија и на други места и ќе плати цена во срцето на Европа и на Соединетите држави“, изјави тој, додавајќи дека Сирија нема друг избор од победа.