Жерновски ја обвинува Антикорупциска, ВМРО ДПМНЕ возвраќа

Кандидатот за градоначалник на општина Центар Андреј Жерновски

Кандидатот за градоначалник на општина Центар Андреј Жерновски изјави дека Антикорупциската комисија е продолжена рака на владата. Тој ги отфрли наводите на Комисијата, откако од таму побараа да се поведе кривична постапка против него бидејќи според нив, давал неточни и нецелосни податоци за својот имот. Жерновски порача дека Комисијата се обидува да најде секакви лаги и невистини против него. Во вториот изборен круг, како што изјави Жерновски негов политички противник не е кандидатот за градоначалник на општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Тодоровиќ, туку премиерот Никола Груевски. Според него, сето ова се прави поради стравот во Владата поради ревизијата на проектот Скопје 2014 која ќе следува доколку тој биде избран за градоначалник.
Од ВМРО ДПМНЕ реагираа дека Жерновски изигрува жртва, но тој е човек кој своите политички позиции ги злоупотребува за лично богатење. Според соопштението, Жерновски не кажал ни збор за тоа дека поседува стан, кој не му е пријавен во анкетен лист и од партијата прашуваат како може човек кој 15 години зема плата од граѓаните на РМ, вршејќи најразлични функции да се пријави да зема социјален додаток. Од ВМРО ДПМНЕ наведуваат дека Жерновски манипулира со јавноста и се обидува да ја дефокусира од неговите афери и скандали.