Падобранецот Врцкоски - му ги собрав сите муштерии на Тито

Трајко Врцкоски, падобранец од Прилеп.

Прилепчанецот Трајко Врцкоски е првиот Македонец што скокал со падобран и првиот инструктор по падобранство. Скокал и на денот кога тогашниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито, последен пат го посетил Прилеп.
Љубовта кон небесните височини, сините пространства, чувството на слобода и вечната неостварена желба за летање, биле мотивот на прилепчанецот Трајко Врцкоски во далечната 1948 година на 28 април, како војник во воздухопловната единица на тогашната ЈНА, да го изведе првиот скок со падобран во Нови Сад.
Кога идеше Тито во Прилеп, авионот дојде од Битола, се качив и скокнав денеска кај што е болницата, беше нива тогаш, и сите муштерии на Тито му ги собрав, наместо да го чекаат на станица повеќе дојдоа кај мене, да го видат падобранецот.
Трајко Врцкоски.

Сакал да биде пилот, но немал доволно образование, па се одлучил да стане падобранец. Тој е првиот Македонец, што скокал со падобран и првиот инструктор по падобранство. Извел вкупно 170 скокови. Од нив 57 како војник.

Врцкоски во младоста.


„Џилас, Ранковиќ, Кардељ, Моша Пијаде, за другите не се сеќавам, сето Политбиро дојде да ги посматра падобранците, еден саат поседоа и си заминаа, околу 9.000 скокови се извршија“, се сеќава Врцкоски.

Скокал и на денот кога тогашниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито, последен пат го посетил Прилеп.
Околу 2.000 души од околината на Варош блиску тука дотрчаа да ме видат, јас викав одозгора–по браздите одете, а тие како што нижеле тутун, со се унечки, со се игли, не се пулат долу оти тутунот го газат, само горе, и тогаш се осеќав јас како Гагарин.
Трајко Врцкоски.

„Кога идеше Тито во Прилеп, авионот дојде од Битола, се качив и скокнав денеска кај што е болницата, беше нива тогаш, и сите муштерии на Тито му ги собрав, наместо да го чекаат на станица повеќе дојдоа кај мене, да го видат падобранецот“, додава Врцкоски.

Во тоа време, пред 65 години, не само за војниците, спортистите, падобранците биле посебно доживување и граѓаните. А, Врцкоски бил во ретките кои скокале и со два падобрана во исто време. Еден таков скок извел во близина на некогашниот монопол во Прилеп.

„Кога виде пилотот дека на добро место паднав, си замина за Битола, а околу 2.000 души од околината на Варош блиску тука дотрчаа да ме видат, јас викав одозгора–по браздите одете, по бразди, тие како што нижеле тутун, со се унечки, со се игли, не се пулат долу оти тутунот го газат, само горе, и тогаш се осеќав јас како Гагарин“, вели низ шега Врцкоски.

Како искусен падобранец добил значка за своите успеси, освоил награди, имал скокови во многу градови на поранешна Југославија. Се едуцирал за инструктор во Тиват, а потоа ги тренирал младите македонски падобранци. По смртта на сопругата, по 42 години живот и работа во Германија, повторно се вратил во родниот Прилеп. Денес е задоволен од животот, а носталгијата за убавите времиња како што вели ја полни во друштво на своите пријатели Славица и Живко, опкружен со фотографиите, со спомените.