Оскарите за „Арго“, Даниел Деј Луис и Џенифер Лоренс

На 85 доделување на наградите Оскар во Лос Анџелес за најдобар филм е прогласен „Арго“. Даниел Деј Луис е најдобар актер, а Џенифер Лоренс најдобра актерка. Оскарот за најдобар режисер го освои тајванецот Анг Ли за „Животот на Пи“.
За најдобар филм е прогласен „Арго“ за ослободувањето на шестмина Aмериканци при заложничката драма за време на Исламската револуција во Иран, на режисерот и продуцентот, познатиот актер Бен Афлек.

Едно од најголемите изненадувања на доделувањето на Оскарите досега беше и директното видео присуство на американската прва дама Мишел Обама која го прогласи победникот за најдобар филм „Арго“.

Приказната на Крис Терио за овој филм е најдоброто адаптирано сценарио, a Оскарот за најдобро оригинално сценарио го доби Квентин Тарантино за „Џанго разузданиот“.

Најдобар режисер е Анг Ли кој го освои Оскарот во оваа категорија за филмот „Животот на Пи“. Овој филм ги доби Оскарите и за кинематографија и за визуелни ефекти.

Едно од најголемите изненадувања на доделувањето на Оскарите досега беше и директното видео присуство на американската прва дама Мишел Обама која го прогласи победникот за најдобар филм „Арго“.

Македонската компанија FX3X беше дел од глобалниот тим кој работеше на визуелните ефекти на филмот. Освен на „Животот на Пи“, тие работеа и на уште два филма номинирани за визуелни ефекти „Клетници“ и „Прометеј“.

Оскарот за најдобра актерка го доби Џенифер Лоренс за улогата во филмот „Во добро и во лошо“, а најдобар актер е Даниел Деј Луис за главната улога во „Линколн“ на Стивен Спилберг. Даниел Деј Луис воедно влезе во историјата, станувајќи прв кој има добиено три Оскари за најдобар актер.

„Навистина не знам како сите тие ми се случија“, изјави Даниел Деј Луис.

Ликот на Фантин во филмот „Клетници“ и го донесе на Ен Хатавеј првиот Оскар за најдобра споредна женска улога.

Во категоријата најдобра машка споредна улога, во која сите пет номинирани актери веќе имаат добиено Оскар, победи австриецот Кристоф Волц за улогата на забар и ексцентричен ловец на глави Кинг Шулц во „Џанго разузданиот“.

Волц и својот претходен Оскар го доби во филм на Тарантино, односно „Неславните копилиња“ во 2010 година.

Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје е „Љубов“ на австриецот Михаел Ханеке. Станува збор за филм за постара двојка која се справува со животот откако сопругата претрпува мозочен удар.

Оскар за најдобар долгометражен анимиран освои „Брејв“ од Пиксар. Оскарот за најдобра музичка филмска нумера отиде кај Адел за „Скајфол“ од истоимениот филм за Џејмс Бонд.

Филмот „Линколн“ имаше најмногу номинации за Оскар, 12, а доби само два. „Животот на Пи“ 11, а „Клетници“ и „Во добро и во лошо“ по 8, додека „Арго“ имаше 7 номинации.

Добитниците на Оскар со тајно гласање ги избираат 5.800 членови на Академијата за филмски уметности и науки.