Филе со писмо бара брз договор од Груевски и Црвенковски

Средбата на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на 22 јануари 2013.

Европската комисија е подготвена да помогне за надминување на политичката криза во Македонија, но решението треба да се најде во Скопје, изјави во Брисел Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Сепак, тој вели дека сега не се гледа волја од политичките чинители за надминување на состојбите.

Тој потврди дека Филе испратил писма до премиерот Никола Груевски и до лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски во врска со ситуацијата во земјава.

„Во писмата се изразува неговата длабока загриженоста поради недостаток на прогрес во ставањето крај на политичката криза. Тој изјави дека решение мора да се најде во Скопје. Тој ги повикува двајцата лидери да продолжат со политичкиот дијалог и брзо преку компромис да се најде решение со цел да земјата да се врати на евро–атланскиот пат кој во моментов е загрозен“, рече Стано.

Тој додава дека Европската комисија е спремна да се ангажира со политичките чинители во изнаоѓањето политичко решение добро за земјата, но треба да има волја од нивна страна и додаде дека сега не гледаат волја.

„Еврокомесарот Филе нагласува дека Комисијата не кренала раце од Македонија и е подготвен да дојде кога и да треба во земјата во моментот кога ке се создадат условите за негова посета“, рече Стано.