За владата, предлогот на АМАН не може да се вклучи во законот

Архивска фотографија: Протести против поскапувањето на струјата, парното и горивата во Битола.

Собраниската Комисија за економски прашања на денешната седница почна да го разгледува Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика во прво читање поднесен преку Граѓанската иницијатива АМАН со 13.169 потписи од избирачи. АМАН бара враќање на дневната евтина струја и парно да не плаќаат тие што не го користат. Заменик-министерот за економија Христијан Делев рече дека правно, предлогот од АМАН не може да биде вклучен во Законот бидејќи тие работи се регулирани во подзаконски акти, односно во тарифникот кој е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика.

„Повторното враќање на евтината дневна тарифа ќе значи дополнително оптоварување на нашите електрани или пак дополнителен увоз на скапа електрична енергија што во краен случај ќе придонесе на зголемување на цената на електричната енергија“, рече Делев.

Пратеникот Газмен Алии од ДПА реагира дека методологијата за цената на електричната енергија треба да се усогласи со животниот стандард.