Хилари Клинтон: збогум или довидување

Хилари Клинтон, според оценките не само на Барак Обама, заминува од функцијата како еден од најдобрите американски државни секретари. Има и такви кои сметаат дека таа ја остава Америка посилна, но и оти си ја зајакна сопствената репутација што е идеална подготовка за идната претседателска трка.
Сенаторот Џон Кери деновиве беше на приватна вечера во Вашингтон чиј домаќин беше шефот на британската дипломатија Вилијем Хејг. На неа беа поранешните државни секретари Џорџ Шулц и Кондолиза Рајс, како и екс министерот за финансии Ален Гринспен. Но, Кери таму не беше почесен гостин. Тоа беше Хилари Клинтон. Можеби изгледа чудно, ако се знае дека Кери во следните години ќе биде на чело на американската дипломатија, а Клинтон ќе бледнее во пензија.

Мислам дека Хилари заминува како еден од најдобрите државни секретари што ги имавме. Одлично соработувавме во текот на последните четири години.
Барак Обама, претседател на САД
Сепак, таа и натаму привлекува внимание. Во неделата имаше заедничко интервју со претседателот Барак Обама.

„Мислам дека Хилари заминува како еден од најдобрите државни секретари што ги имавме. Одлично соработувавме во текот на последните четири години“, изјави Обама, додавајќи дека Клинтон воспостави стандарди на професионализам и тимска работа во американската влада.

„Ние имаме слични ставови и искуства кои мислам ја создадоа врската што за некои може да се чини малку веројатна, но навистина тоа беше сржта на нашите односи во изминативе четири години“, рече Хилари Клинтон. Можеби затоа весникот „Индепендент“ прашува: „Зошто се уште не сме склони да ја пуштиме да си замине?

Дали поради нејзината работна етика или поради тоа што ја презеде работата, имајќи предвид како таа се бореше да го запре Обама во трката за влез во Белата куќа во 2008 година? Дали Клинтон беше толку фантастична како државна секретарка?

Весникот оценува дека таа, без двоумење, одиграла клучна улога во обновата на американскиот кредибилитет, нарушен во ерата на претседателот Џорџ Буш.

Затоа зад сите екстравагантни проштални гестови можеби се крие: „Се гледаме наскоро.“

Ние имаме слични ставови и искуства кои мислам ја создадоа врската што за некои може да се чини малку веројатна, но навистина тоа беше сржта на нашите односи во изминативе четири години.
Хилари Клинтон
Во изминативе денови две политички акциони комисии беа формирани да ја промовираат Хилари Клинтон за кандидат на Демократската партија за претседател.

На состанокот во Вашингтон нејзе и беше поставено прашањето дали ќе учествува во трката. „Во моментов не сум склона за тоа“, изјави Клинтон со голема насмевка.

Но, нејзиниот одговорот немаше звук на затворање на вратата. Ако учествува, таа ќе биде сериозен кандидат.

Тоа пак, ќе биде лоша вест за Џо Бајден кој јасно стави до знаење дека ја сака таа работа. Клинтон би имала пари, мрежа на приврзаници, како и поддршка од нејзиниот сопруг Бил.

Во 2016 година Хилари Клинтон ќе има 69 години. Но, годините не се тие што би можеле да ја спречат.

Дотогаш Соединетите држави ќе имаат осум години со Барак Обама и можеби во земјата едноставно ќе има расположение за враќање на Републиканците во Белата куќа.

Клинтон би се тркала само доколку ризикот да загуби уште еднаш ќе биде пристојно низок. Во спротивно, би можела да каже: „Не благодарам“.