Поддржувачите на контроверзниот руски предлог-закон што забранува „хомосексуална пропаганда“ нападнаа геј-активисти пред рускиот парламент во Москва. Десетина активисти за правата на хомосексуалците во знак на протест се бакнуваа пред парламентот. Група млади луѓе ги нападна активистите, им ги искина постерите и ги навредуваше. Според предлог-законот, кој треба да важи во цела Русија, се забранува ширење информации за руската геј-заедница. Пропишаните казни достугнуваат до 16 илјади долари. Неколку руски градови, меѓу кои и Санкт Петерсбург, веќе донесоа такви закони. Пратеници, владини функционери и Руската православна црква ја поддржуваат забраната, со образложение дека хомосексуалноста е спротивна на традиционалните руски вредности. Хомосексуалноста во Русија беше декриминализирана пред 20 години, но хомофобијата сè уште е многу голема.