ВМРО-ДПМНЕ не ги прифати условите на СДСМ за избори

Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски на предизборен митинг на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го одби барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори заедно со локалните во март и ги повика опозициските пратеници да се вратат во Собранието. По синоќешната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, партијата соопштува дека се залага за одржување на редовни, фер и демократски локални избори, во согласност со меѓународните стандарди и вградените препораки на ОБСЕ и ОДИХР, а со целосно прочистен избирачки список согласно меѓународните норми и правила.

Воедно, ВМРО-ДПМНЕ инсистира на засилен меѓународен мониторинг на овие избори и ја поздравува изјавата на американската амбасада, но и на останатите меѓународни фактори за најавен мониторинг од нивна страна на овие локални избори.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема потреба од предвремени парламентарни избори затоа што такви се одржаа пред една и пол година.

Владејачката партија го повикува СДСМ и неговите коалициони партнери да се вратат во Собранието.

„Само со дијалог и дискусија за сите предизвици и отворени прашања и градење на конструктивна политичка клима, со цврсти и принципиелни позиции за заедничките ставови по важни и стратешки прашања, ќе се создадат поволни моменти во нашиот евроатлански интегративен процес, што е стратешки приоритет на нашата држава“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.