Нимиц - Грција искрено сака да се постигне договор за името

Архивска фотографија: Посредникот на ОН Метју Нимиц пристигнува во Министерството за надворешни работи во Скопје на средба со министерот Никола Попоски на 20 февруари 2012 година.

Грчката Влада со голема искреност сака да се постигне договор за прашањето за името, изјави медијаторот Метју Нимиц по денешната средба со грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос, на која дваесетина минути присуствуваше и премиерот Андонис Самарас. Медијаторот информира дека презентирал некои идеи за кои разговарале во детали.

„Не сакам да го употребувам зборот предлог, туку повеќе идеи за кои зборувавме во ноември во Њујорк. Имам некои размислувања кои ги презентирав тука. Истото ќе го направам и во Скопје и да видиме дали можеме да се доближиме“, рече Нимиц.

Тој рече дека во моментов има конструктивно размислување и оти тоа му дава надеж за решавање на спорот.

Нимиц рече дека владата во Атина е многу искрена по ова прашање и сака да се реши. Се надевам дека и во Скопје ќе има сличен став, изјави медијаторот. Според најавите, Нимиц доаѓа во Македонија утре.