Тензии на границата во Кашмир

Кашмир, погранична зона

Последните инциденти и убиства на војници на линијата на разграничување во Кашмир ги подигнаа тензиите меѓу регионалните нуклеарни ривали Индија и Пакистан. Станува збор за најголема ескалација по прекинот на огнот во 2003 година во спорниот Кашмир.
Индискиот министер за одбрана го осуди, како што го нарече, третманот на пакистанската армија на двајцата војници кои беа убиени по должината на контролната линија во Кашмир. Министерот А.К. Антони денеска изјави дека начинот на кој биле третирани мртвите тела бил нехуман. Индиските медиуми јавија дека еден војник бил убиен вчера и бил обезглавен додека, според Хиндустан Тајмс, на вториот војник му бил исечен вратот.
Пакистанските војници, заедно со милитанти, се провлекоа во нашата територија. Тие ги обновија операциите. Јас можам да видам големо полициско престројување. Во следниве денови мораме да бидеме многу внимателни на границата и на дипломатско ниво.
М.М.Каџурија, поранешeн директор на полицијата на Џаму и Кашмир.

Шефот на индиската дипломатија Салман Куршид изјави дека убиството на двајцата војници е апсолутно неприфатлив и гнасен чин. Тој најави пропорционален одговор.

Двајцата војници, инаку, беа убиени во престрелка со пакистанските трупи кога две патроли наидоа една на друга во услови на густа магла. Според индиски официјални личности, инцидентот се случил неколку стотици метри во индиска територија. Тоа, според поранешниот директор на полицијата на Џаму и Кашмир, М.М Каџурија, преставува обнова на пакистанската воена активност во спорниот регион.

„Пакистанските војници, заедно со милитанти, се провлекоа во нашата територија. Тие ги обновија операциите. Јас можам да видам големо полициско престројување. Во следниве денови мораме да бидеме многу внимателни на границата и на дипломатско ниво.“

Генералниот инспектор на Џаму и Кашмир Дилбаг Синг, пак, изјави дека треба да се биде внимателен.

„Не можеме да исклучиме такви активности во одредени подрачја. Тоа е стар проблем и редовно се појавува. Треба да ја засилиме безбедноста во граничниот регион.“

Во меѓувреме, весникот Експрес Индија јави дека пакистанската армија негирала дека нејзини војници ја минале линијата на контрола со Индија. Весникот цитира пакистански воен извор кој ова го нарече индиска пропаганда за да се одвлече вниманието од нападот на индиските трупи врз пакистанска позиција при што беше убиен еден пакистански војник.

Инцидентите не се ништо ново на 740 километри долгата линија на контрола која ги дели двете земји во Кашмир, но овој пат и Индија и Пакистан сметаат дека последните убиства ги подигнаа тензиите на највисоко ниво по прекинот на огнот во 2003 година.