ЕУ и САД бараат прекин на конфронтациите во Македонија

Протести пред и околу Собранието на Република Македонија каде се наоѓаат неколку илјади луѓе, поддржувачи на власта и на опозицијата, дојдени за да извршат притисок за државниот буџет за 2013-та.

Европската унија и Амбасадата на САД во Скопје попладнево ги повикаа лидерите на сите политички партии да стават крај на какви било агресивни и провокативни акции и да се однесуваат на начин што е во согласност со Уставот и законите.

„Мирното изразување на различните мислења е основата на секоја силна и демократска држава, а употребата на насилство од која било инволвирана страна го подрива тој систем и нанесува штета на неговата способност да владее одговорно“, се вели во изјавите од ЕУ и од Амбасадата на САД.

Тие ги повикуваат лидерите на сите политички партии и нивните приврзаници без одложување да стават крај на конфронтациите.

„Ги повикуваме да се однесуваат на начин што е во согласност со законот, Уставот, и со договорените собраниски процедури, а тоа секогаш го има во предвид и најдобриот интерес на граѓаните од кои се избрани за да ги претставуваат“, се наведува во изјавите.