Еуфорични изјави за обединување на Албанците без политичка тежина

Тирана.

Кога ќе спласне еуфоријата од празникот, албанските политичари во регионот ќе се вратат на вообичаената реторика што ја користат со години, велат дел од аналитичарите.
Нетактични изјави дадени во еуфорија предизвикана од големиот албански празник, но без веројатност дека реториката по повод 100-годишнината од независноста на Албанија ќе се преточи во конкретна политика. Вака, аналитичарите Стево Пендаровски и Ризван Сулејмани, ги толкуваат говорите на премиерите на Албанија и на Косово, Сали Бериша и Хашим Тачи, кои изразија жалење поради поделбата во две држави. Иако, Бериша и Тачи зборуваа за Албанија и за Косово, ги прашавме нашите соговорници каде се наоѓаат Македонија и македонските Албанци во таа регионална равенка.
Кај албанскиот блок, сега засега сите политички опции се во еден правец, во правец на ЕУ и НАТО и сите тие повикуваат на тоа обединување во ЕУ.
Ризван Сулејмани, политички аналитичар.

Ризван Сулејмани вели дека тоа се еуфорични изјави дадени пред голема маса луѓе за политички поени.

„Кај албанскиот блок, сега засега сите политички партии, сите политички опции се во еден правец, во правец на ЕУ и НАТО и сите тие повикуваат на тоа обединување во ЕУ. Алтернативи нити има, нити има стратегии, нити има капацитети за прекројување ако не се создаде контекст во којшто другите држави би сакале да влезат во такви сценарија. Сега засега се јасни позициите на албанските политички партии“, вели Сулејмани.

Не очекувам дека реториката по повод Денот на знамето ќе се преточи во конкретна политика што би значела радикален пресврт во настапот на Албанците во регионот кон своите соседи. Мислам дека за кусо време, кога ќе спласне еуфоријата, ќе се вратат на вообичаената реторика што ја користат години наназад.
Стево Пендаровски, универзитетски професор и претседател на Советот за безбедносни прашања и НАТО интеграции на СДСМ.
Универзитетскиот професор Стево Пендаровски, кои е и претседател на Советот за безбедносни прашања и НАТО интеграции на опозицискиот СДСМ, вели дека сите активности во целина во регионот по повод празникот беа недипломатски и нетактични, понесени од еуфоријата. Изнесените ставови по повод прославата нема да се рефлектираат во политиките на Албанија или на Косово, вели Пендаровски.

„Не очекувам дека реториката по повод Денот на знамето ќе се преточи во конкретна политика што би значела радикален пресврт во настапот на Албанците во регионот кон своите соседи. Мислам дека за кусо време, кога ќе спласне еуфоријата и ќе помине оваа работа, ќе се вратат на вообичаената реторика којашто ја користат години наназад.“

Сулејмани потсетува дека на повикот на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ за српско-албански разговори, косовската политичка елита одговори дека ќе има српско-косовски разговори. Тоа значи дека Косово не сака тој спор со Србија да го направи мултилатерален, вели Сулејмани.

Според дел од косовските аналитичари, пак, националното албанско обединување во иднина би можело да биде реална опција. Тоа, според нив, би било направено доколку не се успее во остварувањето на државноста на Косово.