Работниците од спортската сала Младост во Битола без плати

Вработени во спортската сала Младост во Битола со градоначалникот Владимир Талески.

Сè уште не е решен статусот на вработените во спортската сала Младост во Битола, иако се работи само за тројца луѓе.
И по шест месеци откако општина Битола ја презеде спортската сала од Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти во Скопје, сè уште не е решен статусот на поранешните тројца вработени. Тие секојдневно ги обавуваат работните задачи, но без плата и придонеси.
Утре ќе ве преземеме, други ден ќе ве преземеме. Поминаа шест месеци како доаѓаме без пари.
Миле Лалевски, вработен во спортската сала Младост во Битола.

„Моментално шест месеци објектот е под општината, но таа не сака да не преземи, од кои причини не знам. Доаѓаме со полно работно време без пари. Ни се нудат некои договори како волонтери, па преку Агенција, сега преку Комуналец, ништо не е решено“, вели Веле Стојчевски.

Веле Стојчевски и Миле Лалевски, вработени во спортската сала Младост во Битола.


„Тројца вработени останавме сега невработени. По преземањето на спортската сала од општината чекаме да не преземат и нас. Утре ќе ве преземеме, други ден ќе ве преземеме. Поминаа шест месеци како доаѓаме без пари“, вели Миле Лалевски.
Од наша страна сè е завршено, направени се договорите со едно од нашите јавни претпријатија, конкретно со Комуналец. Чекаме да ги вратат договорите потпишани од Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти.
Владимир Талески, градоначалник на Битола.

На вработените од спортската сала „Младост“ со години не им е платен стажот, уште од времето додека работеле во Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти.

„Еве десета година не ми е платен стажот, ни здравствено, ни пензиско, ни плати не ми се исплатени.“

„Знаеме дека до три години ако не тужиш побарувањата ти застаруваат, немаш право и ние ги тужевме и имаме две пресуди, извршни решенија кај извршителите стојат, не можат да ги наплатат“, додаваат работниците од спортската сала.

Градоначалникот на Битола Владимир Талески вели дека наскоро работниците ќе ги преземе општинското претпријатие Комуналец.

„Една постапка која сè уште не е завршена. Од наша страна сè е завршено, направени се договорите со едно од нашите јавни претпријатија, конкретно со Комуналец. Чекаме да ги вратат договорите потпишани од Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти. Вработените конечно се надевам дека ќе бидат изрегулирани онака како што треба“, вели Талески.

Инаку општината деновиве непосредно пред зимската сезона започна со интервенција на покривот од спортската сала, кој е стар и оштетен, па објектот прокиснува.