Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Павле Трајанов, лидер на Демократски сојуз.

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага. Трајанов е пратеник и лидер на Демократскиот сојуз, коалициски партнер во власта.
Господине Трајанов, дали после 20 години е дојдено време да се постигне компромис за спорот со Грција и Македонија конечно да стане членка на НАТО и да ги започне преговорите за пристапување во ЕУ?

Мислам дека е историски момент во овие неколку следни шест месеци да се разговара суштински за разликите околу името, за спорот којшто е наметнат од Република Грција и да се дојде до решение, до компромис којшто нема да го загрозува нашиот национален идентитет, јазик, нашата култура. Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање. Затоа што одговорност или дел од одговорноста треба да преземат сите лидери, сите политички партии, доколку сакаме да дојдеме до компромис којшто нема да биде злоупотребуван.

Господинот Штефан Филе пред два дена уште еднаш подвлече дека добива позитивни сигнали од Скопје и од Атина дека спорот за името може да биде решен во раната фаза од преговорите за пристапување во ЕУ. Дали постои некаков договор меѓу ЕУ, Грција и Македонија во декември да добиеме датум за преговори, по март, по локалните избори да започнат тие преговори и до јуни, до летото да се постигне некаков компромис?

Мислам дека се очекува клучниот одговор од Република Македонија во текот на овој месец околу можноста за решение. Тој одговор треба да биде усогласен со Република Грција и доколку се дојде со таков еден компромис, мислам дека вратите на Македонија за започнување на преговорите за влез во ЕУ ќе бидат отворени. Иако имаме позитивни сигнали од еврокомесарот Филе дека може да се добие покана без да се постигне некаков начелен одговор, јас мислам дека тоа ќе биде тешко, имајќи ги предвид околностите на Република Грција во оваа насока. Тие силно се заинтересирани да има отприлика решение или најава за решение за тоа како ќе се одвиваат разговорите и во која насока и што е тоа што може да се постигне како договор. Без една таква опиплива активност или решение, тешко дека Грција ќе даде согласност на 10 декември за определување на датум за преговори.

Дали за власта во Република Македонија би била прифатлива придавката, да речеме Северна Република Македонија, ерга омнес како што бараат Грците за севкупна употреба, освен за внатре во државата, со тоа што би останала употребата на македонскиот јазик, македонска култура, идентитетот и се друго?

Јас зборувам во мое лично име.

Но вие сепак сте дел од владината коалиција?

За Македонија се битни три работи. Прво, компромисот што ќе се постине не треба да го загрозува нашиот национален идентитет, второ не треба да имплицира промена на Уставот на Република Македонија и трето не треба да создава дилеми или обврски кон другите држави, 130 држави што не признале под уставното име, тоа да го менуваат. Инаку околу можното решение, навистина за тоа треба да се разговара, треба дел од одговорноста да ја преземат партиите кои се на власт, но и опозицијата, така што сега е апсолутно неблагодарно и неприфатливо да се лицитира со можни имиња, туку тоа треба да се направи на една лидерска средба која треба да ја свика претседателот на владата и на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тој ја има најголемата поддршка во државата, на кој средба ќе се договори црвената линија на Република Македонија. Доколку се оди на референдум со таквото решение, сите оние што ќе се заложат за него треба да направат сè тоа да биде прифатено при изјаснувањето на граѓаните.