Сенди ги погоди САД: жртви, поплави и три милиони луѓе без струја

Тајм Сквер во Њујорк во пресрет на бурата.

Тропската бура Сенди ноќеска еден час по полноќ го погоди североисточниот брег на САД и предизвика рекордни поплави, а околу три милиони луѓе останаа без струја. Невремето со ветер од 135 километри на час предизвика поплавување на метрото и тунелите во Њујорк, а стотици илјади њујорчани останаа без струја. Според Асошиејтед прес, Сенди однесе најмалку 12 животи во Њујорк, Њу Џерси, Мериленд, Пенсилванија и Конектикат. Се очекува штетите од невремето да достигнат неколку милијарди долари. Невремето ја прекина и претседателската кампања во САД на една недела пред изборите закажани за 6 ноември.